Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа разговараше со медиумите пред утрешното гостување кај Селта во Виго. „Лос Бланкос“ минуваат низ уште една криза, откако загубија дома од Хетафе во претходното коло и по два последователни порази во првенството веќе се на 4 бода зад лидерот Барселона.
„Ќе биде многу тежок натпревар на гости против одличен тим и тренер кој одлично ја врши работата. Селта е добро подготвен тим, доаѓа по серија победи, игра со самодоверба и покажува квалитетен фудбал. Секогаш има одлична атмосфера на нивниот стадион кога Реал е на гости. Очекуваме тежок и захтевен натпревар.“
Сепак, Арбелоа верува во своите момци и се надева на победа.
„Мора да веруваме дека ќе ги освоиме трите бода. Остануваат уште 16 натпревари, а ние сме четири бода зад нив. Тоа е сè за што размислуваме и сè додека имаме математички шанси, ќе се бориме. Не размислувам за Реал Мадрид на друг начин освен да продолжам да се борам. Свесен сум дека тимот може да игра многу подобро“, рече тренерот.
Потоа Арбелоа зборуваше за повредениот Килијан Мбапе и за фактот дека Французинот се вратил во својата татковина на консултации во врска со повредата на коленото.

„Разговараме со него секој ден и, секако, имаме контрола врз тоа што се случува со него и како е. Ситуацијата се подобрува секој ден и тоа е процес што го следиме ден по ден. Досега, вестите беа само добри и тој се подобрува. Патувањата на Мбапе и Белингам беа организирани од медицинските служби на Реал Мадрид. Тие беа во Лондон и Париз, придружувани од луѓе од клубот, кои контролираат сè.“
Запрашан за настапот на Хаузен и Мастантуон, тренерот на Мадрид рече:
„Мораме да имаме многу трпение. Играњето за Реал Мадрид значи играње за клуб кој бара најмногу од играчите во светот, не е како никаде на друго место. Тие ја имаат мојата целосна доверба и знаеме дека имаат огромен потенцијал. Би сакал навивачите да ја разберат суштината на секој играч. Да се грижат за нив, да ги охрабрат и, пред сè, да бараат работа и труд од нив. Да ги охрабрат да прават грешки, бидејќи ќе прават; фудбалот е спорт на грешки. Нè очекуваат одлични вечери со нив“, продолжи Арбелоа.
Арбелоа призна дека Брахим Дијаз игра помалку минути отколку што треба.
„Одговорноста е моја, бидејќи тренираме многу добро и сите ги знаеме неговите квалитети. Сигурен сум дека можам да добијам многу повеќе од него отколку што добивам во моментов. Алаба нема да биде подготвен за утрешниот натпревар, тоа е сигурно, но Раул Асенсио би можел да биде подготвен“, заклучи тренерот на Реал Мадрид.


