Лука Дончиќ ја одбележа убедливата победа на Лос Анџелес Лејкерс над Голден Стејт (127:105) на отворањето на сезоната во НБА, но покрај одличната игра и спектакуларната тројка од половина терен, вниманието го привлече и неговиот вербален судир со дебитантот во редовите на Вориорс, Јаксел Лендеборг.
Дончиќ постигна 28 поени, со осум скока и седум асистенции, а дури 23 поени постигна во првото полувреме. Погоди пет тројки од 12 обиди, додека последната четвртина ја помина на клупата.
Тој го направи потегот на натпреварот на крајот од првото полувреме, кога со звукот на сирената погоди шут од речиси половина терен.
„Зборуваше глупости… Знаев дека топката ќе помине низ обрачот пред да ја добијам во рацете. Вежбам такви удари“, рече Дончиќ со насмевка.
За време на натпреварот, имаше жестока вербална конфронтација помеѓу Дончиќ и Лендеборг, по еден суров фаул. Словенецот реагираше бурно и се упати кон својот ривал, но неговите соиграчи го запреа за да спречат понатамошна ескалација.
По размената на зборови, Дончиќ му упати саркастичен аплауз на противникот, а подоцна, по еден успешен шут, му даде знак да се врати на теренот.
Лендеборг доби и техничка грешка за време на натпреварот.
Дончиќ призна по натпреварот дека свесно одговорил на провокациите, но исто така рече дека се обидувал да го контролира својот темперамент.
„Сите знаат дека кога ќе почнат да „фрлаат работи“ кон мене, добиваат поинаква верзија од мене. Токму тоа се случи. Оваа сезона ќе се обидам да зборувам што е можно помалку затоа што не сакам да добивам технички грешки. Се обидов да се воздржам, двапати молчев, па затоа напредувам. Се чини дека, на крајот, сè излезе одлично“, рече Дончиќ.


