Да бидеме реални, голем дел од спортистите во Македонија сè уште немаат финансиска сигурност. Како поранешен професионален спортист, знам колку е тешко да се постигнуваат врвни резултати кога истовремено се грижите за основните финансиски потреби. Затоа ни е потребен потранспарентен и поправеден модел на финансирање, со јасни критериуми и отчетност за трошењето на јавните средства, вели во интервју за „Контра“ министерот за спорт Борко Ристовски.
-Не можам да кажам дека секој спортист веднаш ќе може да живее од спортот, но можеме да создадеме подобри и попредвидливи услови во кои секој млад спортист ќе може да напредува и да ја гради својата кариера, вели тој.
Вели дека секој медал освоен за Македонија е важен и заслужува почит, но и дека „не можеме развојот на спортот да го мериме само преку поединечни успеси“.
-Зад секој резултат треба да стои систем што ќе овозможи создавање нови генерации спортисти. Тоа значи квалитетна инфраструктура, стручни тренери, добри услови за работа во младинските категории и соодветна поддршка за клубовите и федерациите, истакнува поранешниот ракометен репрезентативец на Македонија.
Во однос на стипендиите за млади талентирани спортисти, Ристовски истакнува дека се важен чекор, но „мора да бидеме свесни дека финансиската помош за одбрани таленти не е доволна ако не создадеме систем во кој секое дете ќе има можност да го развива својот потенцијал“.
-Затоа, поддршката за младите не смее да се сведе само на финансиски надомест за оние што веќе постигнале резултати, туку мора да почне многу порано, порачува министерот во интервјуто.
Формирањето посебно Министерство за спорт беше претставено како чекор кон посериозен и системски пристап кон спортот. По повеќе од две години од неговото формирање, што денес е суштински поинаку за еден спортист, тренер или спортски клуб, освен тоа што спортот има посебна институција?
– Разликата е во пристапот, во приоритетите и во конкретните резултати. Суштинската промена е што спортот денес има институција која е директно одговорна за неговиот развој и што почнавме да менуваме работи кои со години беа проблем. Не е доволно само да формирате Министерство и да кажете дека спортот е приоритет. Тоа мора да се покаже со конкретни мерки, вложувања и резултати.
Една од најважните промени е начинот на финансирање. За разлика од претходно кога се добиваа ваучери, па тие се реализираа преку фирми и до спортските субјекти на крај не ни стигаа цели суми во целиот тој систем со многу коруптивни елементи, сега воспоставивме модел во кој средствата од државата стигнуваат директно до спортските субјекти, со поголема транспарентност и одговорност за нивното користење. Воедно, инвестираме во спортската инфраструктура, ги поддржуваме младите таленти и ги вреднуваме постигнатите резултати.
Не формиравме Министерство за спорт само за да добиеме посебна институција, туку за спортот конечно да добие институционална тежина, јасна одговорност и континуирана поддршка.
Спортските успеси често се мерат преку настапите на репрезентациите и освоените медали. Но, дали Македонија понекогаш премногу се радува на поединечни успеси, а премалку се занимава со системот што треба постојано да создава нови генерации успешни спортисти?
– Секој медал е важен и заслужува почит, но не можеме развојот на спортот да го мериме само преку поединечни успеси. Зад секој резултат треба да стои систем што ќе овозможи создавање нови генерации спортисти.
Тоа значи квалитетна инфраструктура, стручни тренери, добри услови за работа во младинските категории и соодветна поддршка за клубовите и федерациите.
Нашата цел е да изградиме систем во кој успесите нема да зависат само од талентот и ентузијазмот на поединци, туку ќе бидат резултат на континуирана работа. Медалот е резултат, но системот е предуслов за континуитет.

Дали Министерството има јасна слика кои општини имаат најголем недостиг од спортска инфраструктура, а кои веќе имаат објекти што не се користат доволно? Со други зборови, дали инвестициите се планираат според реалните потреби на граѓаните или најмногу според подготвеноста на локалните самоуправи да аплицираат со проекти?
– Инвестициите мора да се планираат според реалните потреби на граѓаните, а не само според тоа која општина има најдобро подготвен проект. Важно е да знаеме каде недостига инфраструктура, во каква состојба се постојните објекти и колку тие навистина се користат.
Не е доволно да изградиме спортски објект. Тој мора да биде функционален, достапен и соодветно одржуван. Затоа, покрај изградбата, мора да водиме сметка и за управувањето со објектите.
Работиме на рамномерен регионален развој, со цел повеќе граѓани да добијат услови за спортување. Приоритет треба да имаат потребите на граѓаните, а не атрактивноста на самиот проект. Односно, вложуваме во изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ целата држава со цел спортот да биде достапен за сите во секоја средина.
Дали сметате дека македонските спортисти денес можат да живеат од својот спорт или за најголемиот дел од нив спортот и натаму е финансиски ризик, поради кој мораат да работат дополнителна работа, да зависат од семејствата или да размислуваат за заминување во странство?
– Да бидеме реални, голем дел од спортистите во Македонија сè уште немаат финансиска сигурност. Како поранешен професионален спортист, знам колку е тешко да се постигнуваат врвни резултати кога истовремено се грижите за основните финансиски потреби.
Затоа ни е потребен потранспарентен и поправеден модел на финансирање, со јасни критериуми и отчетност за трошењето на јавните средства. Но, одговорност имаат и клубовите и федерациите, кои треба да работат на спонзорства, партнерства и подобро управување.
Не можам да кажам дека секој спортист веднаш ќе може да живее од спортот, но можеме да создадеме подобри и попредвидливи услови во кои секој млад спортист ќе може да напредува и да ја гради својата кариера. Спортистите треба да бидат поддржани за да се фокусираат на резултатите, но мора и да бидат посветени, дисциплинирани и подготвени на многу откажувања на својот спортски пат кој не е лесно и едноставно да се изгради, посебно кога станува збор за професионален спорт и за врвни резултати.
Министерството најави стипендии за млади талентирани спортисти. Но, дали финансиската помош за одбрани таленти е доволна ако многу други деца немаат пристап до квалитетен тренер, соодветна опрема, медицинска поддршка или услови за редовни тренинзи? Каде, според вас, е најголемата слабост во системот за развој на младите?
-Стипендиите се важна поддршка, но не се доволни ако не создадеме услови за континуиран развој на младите спортисти. Преку проектот „Спортска надеж“ поддржуваме 500 млади талентирани спортисти, но паралелно мора да инвестираме и во инфраструктурата, тренерскиот кадар и квалитетните натпреварувачки програми.
Стипендиите за младите талентирани спортисти се важен чекор, но мора да бидеме свесни дека финансиската помош за одбрани таленти не е доволна ако не создадеме систем во кој секое дете ќе има можност да го развива својот потенцијал. Затоа, поддршката за младите не смее да се сведе само на финансиски надомест за оние што веќе постигнале резултати, туку мора да почне многу порано.
Најголемата слабост, според мене, е недоволната поврзаност меѓу различните фази на спортскиот развој. Потребно е детето прво и основно да има каде да тренира, сигурни безбедни услови за неговиот развој, да има пристап до спортски објект, квалитетен тренер, соодветна опрема и редовни натпревари, а со напредувањето и до стручна, медицинска и психолошка поддршка. Ако некој од овие елементи недостига, постои ризик талентираното дете да се откаже, без разлика на неговиот потенцијал.
Токму затоа инвестираме во спортската инфраструктура, но и во поддршката за младите спортисти и подобрувањето на условите за работа. Преку програмата „Спортска надеж“ ги препознаваме и поддржуваме младите што веќе покажале квалитет и резултати, но истовремено мораме да работиме на поширока основа за развој на спортот. Во тој процес многу важна е поддршката од Владата за спортот, како и соработката меѓу Министерството за спорт, општините, спортските федерации, клубовите и тренерскиот кадар.
Не можеме да очекуваме секое дете да стане професионален спортист, но мораме да му овозможиме услови да спортува, да напредува и да добие шанса. Нашата обврска е да создадеме систем во кој успехот нема да зависи исклучиво од финансиските можности на семејството или од тоа во која општина живее детето.
Стипендиите се поддршка за талентот, но добриот систем е тој што го создава и развива талентот. Нашата цел е да ги наградуваме резултатите, но и да изградиме услови во кои повеќе млади спортисти ќе можат да ги достигнат.
Македонија има талентирани деца, но не секое талентирано дете станува успешен сениорски спортист. Каде најчесто се губат тие таленти – во преминот од младински во сениорски категории, поради финансиски причини, поради квалитетот на тренерската работа или поради недостигот од соодветен натпреварувачки систем?
– Најголемиот проблем е што талентот сам по себе не гарантира успех. Потребни се квалитетни тренери, добри услови за работа, редовни натпревари и финансиска поддршка, особено при преминот од младински во сениорски спорт и се разбира, упорност и дисциплина за да се развива талентот.
Тука одговорност имаат и клубовите и федерациите. Министерството може да создава услови и да обезбедува поддршка, но стручната работа и развојот на спортистите бараат заеднички пристап.
Не смееме да ги препознаваме талентите само кога ќе освојат медал. Треба да инвестираме во нив додека се развиваат, за да не ги загубиме пред да го достигнат својот потенцијал.

Ако утре треба да изберете меѓу инвестиција во еден голем спортски објект што ќе служи како симбол на градот и инвестиција во десет помали објекти што секојдневно ќе ги користат децата во различни општини, што би избрале и зошто?
– Ако морам да изберам, со исти средства би избрал десет помали објекти што секојдневно ќе ги користат децата во различни општини. Спортот треба да биде достапен за сите, а не само за оние што имаат можност да тренираат и да се натпреваруваат или да се рекреираат во големите спортски центри.
Секако, потребни ни се и големи спортски објекти за врвниот спорт и за меѓународни натпревари. Но, мора да инвестираме и во основата, затоа што токму таму се создаваат идните спортисти. Големите објекти се важни, но најважно е секое дете да има каде да спортува.
Во професионалниот спорт, талентот не е доволен без дисциплина, правилна исхрана, квалитетен тренинг и ментална подготовка. Дали сметате дека македонскиот спорт доволно ги применува современите научни методи или сè уште премногу се потпираме на ентузијазмот на спортистите и тренерите?
– Имаме квалитетни тренери и посветени спортски работници, но примената на современите методи не е подеднакво развиена во сите спортови.
Денес талентот и напорната работа не се доволни без правилна исхрана, физичка и психолошка подготовка, превенција од повреди и стручна анализа. Потребни се постојана едукација на тренерите и поголема соработка со стручните и образовните институции. Тоа е процес во кој мора да учествуваат и федерациите и клубовите.
Како поранешен спортист знам колку значат дисциплината и посветеноста, но и дека работата мора да биде правилно насочена. Не е важно само колку тренирате, туку и како тренирате. Современиот спорт бара знаење, професионализам и постојано усовршување.
Кога бевте активен спортист, сигурно имавте замисла што би промениле доколку некогаш добиете можност да влијаете врз спортскиот систем. Која ваша тогашна идеја најтешко се спроведува во практиката денес и дали некои работи изгледаат многу поинаку кога сте од другата страна?
-Кога сте спортист, најдиректно ги чувствувате проблемите – условите за тренинг, финансирањето, инфраструктурата и начинот на кој функционира спортскиот систем. Тогаш мислите дека многу работи можат да се променат побрзо. Кога ќе ја преземете одговорноста од другата страна, сфаќате дека секоја промена бара планирање, средства, законски процедури и координација со повеќе институции и не зависи секогаш само од еден поединец или од неговите желби и намери.
Но, тоа не смее да биде оправдување за бавност или неефикасност. Напротив, моето спортско искуство ми помага да ги препознаам проблемите и да ги поставам вистинските приоритети. Затоа работиме на подобра инфраструктура, потранспарентно финансирање и создавање услови во кои спортистите ќе можат да се посветат на своите резултати.
Најголемиот предизвик е да ги промениме навиките и да воспоставиме систем во кој ќе има јасни правила, одговорност и континуитет. Не е доволно да најавиме проект или да донесеме одлука – важно е да ја завршиме работата и да обезбедиме конкретен резултат.
Како спортист се борев за резултати на теренот. Денес, како министер, мојата обврска е да создадам услови во кои спортистите ќе можат да ги остваруваат своите цели. На крајот, не се важни намерите, туку промените што ќе ги оставиме зад себе.
В.З.


