Легендарната американска фудбалерка Меган Рапино (40) и прославената кошаркарка Сју Брд (45) објавија дека, по десет години заедно, решиле да стават крај на нивната врска.
Во емотивно јавно обраќање преку социјалните мрежи, двете објаснија дека одлуката била взаемна и донесена по многу размислување.
– Нема лесен начин да се сподели оваа вест. По долго размислување, донесовме одлука да се разделиме како двојка. Ова не беше лесна одлука, но ја донесовме заедно, со многу љубов, почит и наклонетост што ја имаме една кон друга – се вели во заедничкото соопштение.
Љубовната приказна на овие спортски икони започна за време на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година, каде што се запознаа. Една година подоцна, Сју Брд, која се смета за една од најдобрите кошаркарки на сите времиња, откри на јавноста дека се во врска.
Двојката се сврши во 2020 година, што предизвика воодушевување на милиони фанови низ целиот свет, но свадбата никогаш не се случи. Иако важеа за неразделен тандем, десет години откако првпат се запознаа, тие решија да тргнат по различни патишта.
Покрај нивната приватна разделба, Меган и Су го потврдија и крајот на нивниот заеднички бизнис проект – популарниот поткаст „A Touch More“.
– Разговорите, смеата и поврзаноста ни значат повеќе отколку што зборовите можат да изразат. Иако ова поглавје од заедничкото креирање на поткастот завршува, она што го изградивме со вас продолжува – споделија тие на своите следбеници.
За потсетување, двете спортистки неодамна се пензионираа и ги завршија своите блескави кариери – Су Брд ги закачи своите „патики“ во 2022 година, додека Меган Рапино го стори тоа една година подоцна.


