Реал Мадрид ќе потпише нов договор со Џуд Белингам, објави шпанскиот весник AS.
Англискиот репрезентативец треба да остане на „Сантијаго Бернабеу“ до летото 2031 година, а со продолжувањето на соработката ќе добие и подобрени финансиски услови.
Белингам пристигна во Реал во летото 2023 година од Борусија Дортмунд, а тогаш потпиша договор до крајот на сезоната 2028/29. Новиот договор ќе го продолжи неговиот престој во Мадрид за дополнителни две години.
Според AS, преговорите започнале на крајот од минатата сезона, а двете страни брзо пронајдоа заедничка основа. Реал сака да ја потврди важноста што Белингам ја доби откако пристигна во клубот со новиот договор.
Шпанскиот весник истакнува дека Белингам се повеќе се профилира во Мадрид како еден од играчите кои треба да преземат водечка улога во соблекувалната по заминувањето или пензионирањето на ветерани како Дани Карвахал, Лука Модриќ и Тони Крос.
Според истиот извор, Англичанецот целосно се адаптирал на животот во шпанската престолнина, а клубот особено ја цени неговата енергија, карактер и влијание врз соиграчите.
Белингам, исто така, помина низ тежок период поради проблем со рамото. Тој ја одложи операцијата за да може да му помогне на Реал во важен дел од сезоната, што подоцна се одрази на неговите настапи.
АS пишува дека доаѓањето на Жозе Мурињо дополнително му помогнало на Белингам да се врати на улогата во која се чувствува најдобро.
Тој доби поголема слобода на движење зад Килијан Мбапе, а таквата позиција повторно ги истакна неговите најголеми квалитети – доаѓање од задната страна, влијание во завршниците, но и одлична работа без топка.
Мадрид, исто така, особено го цени неговиот придонес во пресингот. Белингам е често првиот што иницира притисок врз противничката одбрана, и токму овој сегмент од играта стана една од важните причини зошто клубот го гледа како долгорочен лидер на тимот.
Доколку сè се реализира според договорот наведен од АS, Белингам треба да остане во дресот на Реал барем до 2031 година.


