Кошркарскиот клуб Куманово ќе биде домаќин на завршниот турнир од Купот на Македонија, а првиот четврфинален дуел за „сино-белите“ е со екипата на Пелистер.
Шефот на стручниот штаб, Марин Докузовски не го крие задоволството што завршницата на ова натпреварување ќе се игра токму во Куманово, соопшти КФСМ.
„Многу ми е драго што овој турнир ќе се одржи токму во Куманово затоа што сите знаеме дека тоа е град на кошарката. Горд сум што сум дел од овој проект, затоа што и сами знаете пред некоја година бевме во Втората лига, а сега сме во најдобрата лига и ја добивме завршницата на Купот. Имавме лош месец затоа што имавме доста проблеми и не трениравме на највисоко ниво, но, сепак, се консолидиравме. Ние сме домаќини и се надевам дека со помош на верната публика, иако притисокот ќе биде на наша страна, ќе имаме адут од публиката. Сакаме да победиме уште во првиот натпревар, а што ќе биде понатаму ќе видиме“
Играчот на МКК Куманово, Ѓорѓи Ѓорѓиевски чувствува дополнителна мотивација пред почетокот на натпреварите во спортската сала во Куманово:
„Пред се, голема чест и задоволство е што Купот се игра во нашата сала, во нашиот град, пред нашата публика. Тоа ни дава екстра мотивација. Ние сме спремни, фокусирани. Не очекува тежок меч со добар ривал, составен од одлични играчи, но се надевам дека ќе дојдеме до нашата цел. Ја повикувам публиката да биде наш шести играч, а ние ветуваме дека ќе се бориме да дојдеме до посакуваната цел“, истакна тој.



