Летонскиот кошаркар Кристапс Порзингис ќе отсуствува на неодредено време поради здравствени проблеми, објави неговиот тим Голден Стејт Вориорс.
„Работам со лекари и експерти за да најдам начин што побрзо да се вратам целосно здрав. Искрено, се чувствувам подобро. Само треба да бидам трпелив и да верувам дека наскоро повторно ќе се чувствувам одлично“, напиша Порзингис на социјалните мрежи.
Порзингис не отпатува на Хаваи со тимот за тренинг кампот.
„Дефинитивно е фрустрирачки да се справувам со здравствени проблеми што не може точно да се дефинираат, а сето тоа додека имам повреди што ме мачеа во текот на целата кариера. Сè е натрупано, но ќе го надминеме ова“, напиша Порзингис.
„Ги ценам сите интернет лекари што се обидуваат да дијагностицираат и да помогнат, но јас сум во најдобри раце, така што сега сите можат да се релаксираат. И немам ХИВ или СИДА“, заклучи тој.
Порзингис сè уште не добил дозвола за тренирање.
Летонецот имаше вирусна инфекција на горните дишни патишта пред две сезони. Подоцна откри дека тоа имало долгорочни ефекти врз неговото здравје и способност постојано да игра НБА кошарка.
Тој се приклучи на Голден Стејт во февруари и ова лето потпиша нов двегодишен договор од 40 милиони долари.


