По апсењето на претседателот на Грчката кошаркарска федерација, Вангелис Лиолиос, и некои грчки судии за примање мито и местење натпревари, кошаркарскиот клуб Панатинаикос соопшти пдека ќе „преземе законски чекори“ за да го врати она што, како што изјавија, „беше украдено од корумпираниот режим“.
„Кошаркарскиот клуб Панатинаикос ќе преземе законски чекори за да го врати она што го украл корумпираниот режим. Ова им го должиме на нашите навивачи, кои мораа да поминат низ оваа голгота додека се емитуваше во живо, и секако, им го должиме и на нашите спортисти и тренери, кои беа лишени од она што им припаѓа со право. И ние ќе го направиме тоа. Ова ќе биде нашата следна победа над режимот“, се вели во соопштението на Панатинаикос.
Претседателот на Грчката кошаркарска федерација, Вангелис Лиолиос, беше уапсен денес по голема операција на грчката полиција. Тој е осомничен за местење натпревари, мито и нелегално обложување во грчката кошарка.

Вкупно шест лица беа уапсени, меѓу кои судиите Василики Каруха и Петрос Папапетру, поранешниот судија Анастасиос Пилоидис и бизнисменот и поранешен кошаркар Јоргос Мавраганис.
„Кошаркарскиот клуб Панатинаикос со години е изложен на скандалозни судиски одлуки од страна на поединци кои, спротивно на прописите, постојано се делегираат себеси на натпревари. Клубот губи титули, е принуден да игра пред празни трибини во сала што самиот ја финансирал и се соочува со казни во износ од стотици илјади евра – сè затоа што неговиот сопственик Димитрис Јанакопулос јавно ги осудува и зборува против одвратните практики што сите други ги гледаат, но молчат за нив. Јанакопулос затоа стана и цел на напади и предмет на подли клевети“, се додава во соопштението на Панатинаикос.
„Кошаркарскиот клуб Панатинаикос продолжува да учествува во натпревари што ги судат судии кои се обвинети за сериозни кривични дела, судии кои чуваат стотици илјади евра во готово во своите домови. Клубот продолжува да игра под судии кои не покажуваат почит кон спортот, продолжува да игра во рамките на скапан систем кој го нарушува сè што ни е најскапоцено – кошарката“, се додава во соопштението на Панатинаикос.

Тие изјавија дека Панатинаикос е клуб со чувство за правда.
„Се обидовте да нè скршите, се обидовте да го извртите секој идеал, секоја логика, секоја реалност. Верувавте дека успевате. Сепак, заборавивте нешто навистина клучно. Панатинаикос не е прашање на купови, титули, дресови или поединци. Панатинаикос е вредност, а ние кои му служиме добро знаеме дека бранејќи го, ја браниме неговата историја, неговата детелина, неговото чувство за правда и неговите принципи. Среќно во вашиот мрак. Среќно во вашето непостоење. Сончевата светлина секогаш ќе преовладува“, додаде атинскиот клуб во соопштението.
Од Панатаникос, исто така, рече дека ги следи случувањата и дека повторно ќе проговори „кога ќе биде потребно“.


