Нејт Дијаз (41) призна дека не бил во најдобра форма кога се вратил во кафезот минатиот викенд, а по поразот од Мајк Пери, сега се соочува со можна повеќемесечна пауза. Поранешната ѕвезда на UFC се соочува со 180-дневна медицинска суспензија поради повреда здобиена во борбата што беше дел од првиот ММА настан на Netflix во Инглвуд, пишува Bloody Elbow.
Иако изјави по неговото прво појавување во ММА од 2022 година дека нема планови да се пензионира, Диjаз ќе мора да добие лекарско одобрение за какво било брзо враќање на борбите. Неговиот тим се откажа од борбата фрлајќи пешкир на крајот од втората рунда, а Дијаз подоцна потврди дека се согласил со одлуката.
Суспензија поради можна скршеница на прстот
Во интервју по борбата, Дијаз рече дека верува оти го скршил прстот во првите секунди од борбата. Целосниот список на медицински суспензии, објавен од Калифорниската државна атлетска комисија, ја потврдува сериозноста на повредата. Според документот, Дијаз ќе биде суспендиран 180 дена, освен ако не добие медицински потврда да ги оттргне сомнежите за скршен прст на левата рака.
Тоа не е единствената суспензија за Дијаз. Тој добил и 60-дневна суспензија, која може да се скрати со лекарско одобрение, поради посекотини на скалпот и челото. Тој добил и задолжителна суспензија од 45 дена, што вклучува 30 дена без контакт.
Список на суспензии за други борци
Најстрогата казна му беше изречена на поранешниот шампион во тешка категорија на UFC, Џуниор дос Сантош, кој беше суспендиран на неодредено време додека не добие невролошко одобрение. Дос Сантош беше поразен со нокаут во првата рунда од Робелис Деспејн, што беше негова прва ММА борба по повеќе од две години.
Покрај Дијаз, и Џеферсон Крајтон беше суспендиран 180 дена, освен ако не добие зелено светло од ортопедски хирург поради болка во левото колено. Џејк Бабијан е суспендиран 60 дена поради посекотина. Мајк Пери, Филипе Линс, Кенет Крос, Фуми Нкута и Алберт Моралес добија 45-дневни суспензии.
Голем број борци, вклучувајќи ги ѕвездите на вечерта Ронда Раузи и Џина Карано, како и Франсис Нгану, добија минимална задолжителна суспензија од седум дена.


