Саудиски Ал-Наср стави крај на сите шпекулации околу Кристијано Роналдо. Имено, некои медиуми објавија вест дека славниот Португалец ја напуштил Саудиска Арабија со приватен авион поради војната на Блискиот Исток.
The Sun, Daily Mail и Goal објавија дека приватниот авион на Роналдо вреден 80 милиони долари полетал од Ријад во понеделник и слетал во Мадрид.
Сепак, агенцијата Press Association и локалните извори цитирани од Al Riyadiyah напишаа дека португалската ѕвезда не ја напуштила земјата.
Иако беше потврдено дека неговиот авион бил на пат кон Европа, немаше официјална потврда дека Роналдо или неговото семејство биле на тој лет.
Додека гласините се ширеа, клубот на Роналдо, Ал-Наср, стави крај на шпекулациите. Клубот сподели неколку фотографии на својот официјален X профил, како и на Инстаграм, на кои се гледа како Роналдо тренира со тимот, потврдувајќи дека тој сè уште е во Ријад.
За потсетување, Ал-Наср е моментален лидер во саудиската лига со 61 бод, два повеќе од второпласираниот Ал-Ахли.


