Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, одржа прес-конференција пред последниот натпревар од Ла Лига во сезоната против Атлетик Билбао, кој воедно ќе биде и негов последен како тренер на Кралскиот клуб. Арбелоа зборуваше за неговото заминување и иднината што веројатно ќе го врати Жозе Мурињо во Реал и збогувањето со Дани Карвахал.
„Се надевам дека ова е само догледање бидејќи ова секогаш ќе биде мој дом. Во Реал Мадрид сум 20 години во различни улоги и ова секогаш ќе биде мој дом. Утре е мојот последен натпревар на клупата на Реал Мадрид, и не знам дали ќе биде последен во мојата тренерска кариера“, рече Арбелоа на почетокот на својот емотивен говор.
Тој додаде дека целта е да се збогува со навивачите со победа. „Утре е голем натпревар, можност да се збогуваме со навивачите. Домашните натпревари секогаш се посебни и различни. Сакаме навивачите да уживаат, тоа е најважното нешто.“
Почит кон Карвахал, Винисиус неизвесен
Особено трогателен момент се очекува за Дани Карвахал. „Тој е симбол на тоа што треба да претставува еден играч на Реал Мадрид. Тој е дете на клубот, таму е од самиот почеток, што го прави посебен и уникатен играч. Тој е гордост за сите Мадридисти“, рече Арбелоа.
„Утре ќе го започне натпреварот и сигурен сум дека кога ќе го извадам од игра за навивачите да му оддадат почит, целиот стадион ќе стане. Ќе има убаво сеќавање на утрешниот ден и сè што направи за Реал Мадрид во текот на сите овие години“, објави тренерот, опишувајќи го Карвахал како еден од најдобрите дефанзивци на сите времиња.
„Тој дефинитивно е на врвот. Беше доминантен и во нападот и во одбраната и имаше менталитет што го туркаше да биде подобар секоја година.“
За разлика од Карвахал, настапот на Винисиус е неизвесен. „Тој доби дозвола од клубот поради лични причини и не знаеме дали ќе може да игра утре.“
Преглед на мандатот и иднината
Арбелоа се осврна на изминатите четири месеци, кои ги помина на клупата на првиот тим. „Знам каков беше тимот кога дојдов и со што морав да се соочам. Секако ќе беше поинаку ако го презедов тимот од првиот ден од сезоната. Се обидов да дадам се од себе“, објасни тој.
„Многу сум благодарен на сите за она низ што поминавме. Нормално е да немате ист однос со сите, исто како што секој тренер може да има несогласувања со играчите. Можноста дојде кога дојде, понекогаш не можете да изберете. Во овој период, многу повеќе размислував за Реал Мадрид отколку за себе, но не жалам за ништо.“
Тој не сакаше да открие премногу за својата иднина, но ја отфрли можноста за соработка со евентуален нов тренер.
„Не е мое да зборувам за можности. Мурињо има фантастичен персонал. Ако дојде во Реал Мадрид, ќе го донесе својот тим и нема можност јас да бидам дел од него. Од понеделник ќе морам да размислам што е најдобро за мене. Мислам дека веќе направив чекор и многу се подобрив во последните четири месеци.“
Кога го прашаа за совет за наследникот, тој кратко одговори: „Не сум тука да давам совети, кој и да дојде ќе има големо искуство.“


