Што се случува со Алваро Мората? Тоа е прашањето што го поставува шпанскиот весник „Марка“, анализирајќи го неочекувано лошиот почеток на поранешниот напаѓач на Реал Мадрид, Јувентус, Челси и Атлетико Мадрид во Леганес.
Шпанскиот интернационалец пристигна како големо засилување, но по седум натпревари сè уште чека на својот прв гол, а неговата фрустрација кулминираше со исклучувањето против Кордоба.
Мората пристигна во Леганес како едно од најголемите засилувања во историјата на клубот, но досега не ги оправда очекувањата. Одигра 434 минути во седум настапи, без да постигне гол, а својот последен натпревар против Кордоба го заврши предвреме поради црвен картон.
„Марка“ пишува дека искусниот напаѓач влезе од клупата против Кордоба со голема желба да му помогне на тимот кој минува низ тежок период. Сепак, токму неговата прекумерна нервоза му предизвика проблеми. Првиот жолт картон го доби по судирот со Исма Руиз, кого се обиде да го спречи да го одложи натпреварот, а вториот поради жалба до судијата Едер Маљо Фернандез.
Тој ќе го пропушти натпреварот во сабота против Мајорка поради суспензијата.
Шпанскиот весник нагласува дека би било погрешно целата одговорност за кризата со головите на Мората да се префрли на самиот играч. Леганес загуби четири последователни натпревари без да постигне гол, а стилот на игра на тимот не одговара на карактеристиките на искусен напаѓач.
Во системот на поранешниот тренер Рубен Албес, Мората честопати мораше да го напушта шеснаесетникот за да учествува во организирање напади, наместо да ја прима топката на крајот од акциите. Овој пристап ги ограничува неговите најголеми квалитети и ја отежнувашe потрагата по првиот гол.
Албес претходно јавно го бранеше.
„Ако сега мора да го доведуваме во прашање Мората, тогаш работите се сосема наопаку“, рече тогашниот тренер на Леганес, убеден дека искусниот напаѓач може да биде корисен во различни тактички системи.
Во меѓувреме, Леганес доби нов тренер, Луис Карион, кој треба да донесе поинаков пристап.
„Марка“ наведува дека Карион претпочита поофанзивен стил на фудбал, со поистакната улога на крилните играчи, агресивен притисок откако ќе се изгуби топката и повеќе шанси.

Таквиот систем би му одговарал многу повеќе на Мората, кој најдобро функционира кога прима квалитетни топки во шеснаесетникот.
Сепак, поради суспензијата, тој нема да може веднаш да дебитира под водство на новиот тренер.
И покрај лошите резултати, клубот не го доведува во прашање неговиот професионализам и посветеност. Според „Марка“, Мората добро се вклопил во соблекувалната, има поддршка од дел од навивачите и покажува голема желба да ја сврти ситуацијата.
Мората има импресивна кариера зад себе, за време на која играше за Реал Мадрид, Јувентус, Челси, Атлетико Мадрид, Милан и Галатасарај, пред да се приклучи на Леганес.
Со Реал Мадрид, двапати ја освои Лигата на шампионите и двапати шпанското првенство, додека со Јувентус освои две титули во италијанското првенство и три италијански купа. Тој ги освои ФА Купот и Лигата на Европа со Челси, како и италијанскиот Суперкуп со Милан. Шпанската репрезентација има посебно место во неговата кариера, со која како капитен го освои Европското првенство во 2024 година и Лигата на нации во 2023 година.
Мората се врати во Мадрид и од лични причини, сакајќи да биде поблиску до своето семејство и повторно да ја открие радоста од играњето фудбал.
Но, досега неговото враќање не ги донесе очекуваните резултати.
Седум натпревари без гол, црвен картон и четири последователни порази од Леганес создадоа притисок што искусниот напаѓач ќе мора да го надмине.
„Марка“ заклучува дека на Мората не му недостасува желба и посветеност, туку она што е најважно за секој напаѓач – головите.
И токму првиот гол би можел да биде моментот што ќе ја промени неговата сезона.


