Жозе Мурињо, тренерот на Бенфика, неодамна во неколку наврати изјави дека би „сакал да остане“ во клубот, додека Руи Кошта, претседателот на клубот, ја разјасни ситуацијата потсетувајќи дека „постои договор и дека тој не е спорен“.
Ако највисокиот функционер потсетува дека постои договор и дека е „во согласност“ со тренерот, зборови што ексклузивно ги објави „А Бола“, тогаш зошто Мурињо нагласува дека би „сакал да остане“, наместо да се повикува на договорот и зборовите на првиот човек на клубот? Одговорот е едноставен: тренерот на Бенфика, кој има договор до сезоната 2026/27, сака да ја продолжи соработката. Тој сака нов документ, со нови услови. Сака да остане на „Луж“, тоа е сигурно според португалскиот печат, но бара нови услови и веќе го ставил тоа на знаење.
Внатрешно, барем во случајот со претседателот, се верува дека договорот е добар каков што е, па иднината би можела да донесе некои различни ставови ако ситуацијата не се реши на задоволство на двете страни.
Животот на Мурињо не беше лесен во последните денови, особено по нерешениот резултат со Каса Пија, кој сериозно би можел да ја компромитира шансата за второто место, она што сè уште го дозволува сонот за Лигата на шампионите. Се чини дека се повторуваат ерите на Роџер Шмит и Бруно Лаје, тренери кои преминаа во нови сезони, но со товарот на деликатна ситуација, а Мурињо сигурно нема да ги игнорира таквите околности.
Претседателот и тренерот, затоа, го кажаа речиси истото, но не сосема: едниот истакнува дека постои договор, другиот само дека би сакал да остане. И Мурињо, иако има договор за уште една сезона, дури рече дека одлуката е „на клубот“. Сè започна по гореспоменатиот натпревар, кога тренерот беше прашан за информациите објавени од CNN, дека менаџерот Жорге Мендеш прави сè за да го спречи Мурињо да остане во Бенфика.

– Мендеш е мој агент, но јас сум господар на мојата одлука. Мојата одлука е дека би сакал да останам во Бенфика – рече Мурињо по нерешениот резулт.
Неколку дена подоцна, се разбира, темата повторно беше пред Мурињо, особено поради зборовите на Руи Кошта за „А Бола“, оние во кои тој потсети на постоењето на договорот, а тренерот наговести: „би потпишал десетгодишен договор“. Веројатно би прифатил помалку, уште една или две години врска со „Орлите“.
– Ме прашаа дали мојот агент рече не знам што, реков „не, јас одлучувам“. Ме прашаа пред една или две недели, реков дека ако ми дадат десетгодишен договор да потпишам, јас ќе потпишам. Неколку пати го прашаа претседателот што ќе се случи следната сезона во врска со тренерот, тој одговори на сè. Ме прашаа два, три, четири пати дали сакам да останам во клубот, реков да, сакам да останам – рече Мурињо, кога беше замолен да открие дали неговата желба да остане ќе зависи од услови како што е инвестирањето во тимот:
„Зависи само од волјата на клубот, не зависи од никакви услови од моја страна. Инвестирањето во тимот не е важно“.
Клубот соопшти дека постои договор и спогодба со тренерот, преку Руи Кошта, па само Мурињо може да ја прекине врската. Останува да се види дали ќе се согласи да остане, ако не се потпише нов договор.


