Бразилската фудбалска ѕвезда Винисиус Јуниор (25) изјави дека се чувствува посреќно и посигурно од кога било и сака да ги пренесе своите успеси од Реал Мадрид во дресот на бразилската репрезентација.
„Се чувствувам поопуштено, посреќен сум, а кога сум посреќен, сите околу мене се посреќни и посигурни“, изјави Винисиус за новинарите пред пријателскиот натпревар против Франција во четврток.
„Се надевам дека ќе можам да продолжам да правам сè што правам за Реал со бразилската репрезентација. Тоа е мојата најголема цел. Тоа е местото каде што отсекогаш сум сонувал да бидам и сакам да донесам голема гордост во нашата земја и многу радост за целата нација“, додаде тој.
Сезоната на Винисиус беше полна со подеми и падови. Тој се мачеше со формата на почетокот, помина 16 натпревари без да постигне гол, на кои навивачите на Реал Мадрид го исвиркуваа. Сепак, во последно време го пронајде вистинскиот ритам и сега има учинок од 17 гола и 13 асистенции во 43 настапи во сите натпреварувања.
Во дресот на Бразил тој одигра 45 натпревари и постигна осум гола, додека на последното Светско првенство неговата репрезентација беше елиминирана во четвртфиналето од Хрватска.
„Знам што можам да направам и колку работев за да бидам подготвен за Светското првенство“, рече Бразилецот.
Тој зборуваше и за претстојниот натпревар против Франција:
„Овој натпревар ќе биде многу важен за нас. Тоа е одличен тим, а од другата страна ќе видам неколку фантастични соиграчи од Реал Мадрид. Ќе биде многу отворен натпревар. Никој нема да биде задоволен само со одбрана. Тоа ќе биде голем тест за нас. Поддршката од нашите навивачи е секогаш клучна – сè додека сме обединети, можеме да постигнеме големи работи“, заклучи Винисиус.


