Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром запиша втора победа во новата сезона во МТЕЛ Суперлигата. На гостувањето во Гевгелија, „сино-белите“ го совладаа Кожув со 81:73, откако одиграа далеку подобро второ полувреме и стигнаа до вториот триумф во шампионатот.
Во победничкиот состав најефикасни беа Маслинко и Николиќ, кои постигнаа по 19 поени и беа клучни за вториот триумф на шампионот.
За МЗТ по повреда се врати Војдан Стојановски. Македонскиот репрезентативец го заврши натпреварот со девет поени, ист број реализации како и неговиот репрезентативен колега Бошалески.
Кожув имаше четворица стартери со двоцифрен број поени. Армстронг беше најефикасен кај домаќините со 17 поени, осум скока и четири асистенции. Бурис постигна 16 поени, дополнети со по четири скока и асистенции, додека Крстевски запиша 15 поени и шест скока.
Симиќ оствари дабл-дабл учинок од 14 поени и 12 скока, а придодаде и седум асистенции.
МТЕЛ СУПЕРЛИГА – МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 2. КОЛО
Работнички – Тиквеш Голден Игл 86:70
МКК Куманово – ГКК Штип 70:59
Кожув – МЗТ Скопје Аеродром 73:81


