Душан Влаховиќ би можел да направи големо изненадување ова лето. Иако се чинеше дека неговата приказна со Јувентус е завршена, италијанските медиуми сега тврдат дека постои можност за неочекуван пресврт на настаните.
Според „Тутоспорт“, српскиот интернационалец лично контактирал со челниците на Јувентус во обид да ја обнови соработката. Наводно, тој го направил потегот без посредништво на неговиот татко, кој досега играл важна улога во преговорите.
Повод за нови шпекулации беа зборовите на новиот директор на Јувентус, Џовани Карневали.
„Побарувачката за Коло Муани е голема. Имаме долг пат пред нас. Влаховиќ? Не сме се сретнале со него. Вратата е отворена не само за Серлот, туку и за другите играчи. Не ја затвораме за никого. На трансфер пазарот, сè може да се промени преку ноќ. Мора да бидеме подготвени да дејствуваме на сите фронтови, мора да имаме глобална визија.“
Според „Тутоспорт“, Влаховиќ не добил понуди што одговараат на неговите финансиски потреби. Затоа решил да го направи првиот чекор кон враќање во Торино.
Дополнително, се наведува дека српскиот напаѓач не е премногу заинтересиран за понудата од Бешикташ, иако би сакал повторно да соработува со Винченцо Италијано, тренерот со кого работеше во Фиорентина.
Во исто време, Влаховиќ наводно контактирал со неколку поранешни соиграчи со цел да ги подобри односите во соблекувалната.
Сепак, враќањето нема да биде лесно. Имено, Јувентус е подготвен да ја разгледа оваа можност, но исклучиво под свои услови.
Според истиот извор, двете страни сè уште имаат многу преговори пред себе. Прво, потребно е да се најде договор за финансиските услови и сите детали од соработката.
„Дали Душан ќе се појави во Континас на 13 јули на почетокот од предсезоната како ништо да не се случило? Прерано е да се каже. На крајот на краиштата, треба да се направат многу компромиси, почнувајќи од платата, па сè до провизиите за неговиот татко. Постои пат назад, но сега само според условите на Јувентус. Играчот го направи првиот чекор.“, според изданието.
Засега, останува да се види дали двете страни ќе најдат заедничка основа. Доколку тоа се случи, Влаховиќ би можел да започне сосема ново поглавје во дресот на Јувентус. Во спротивно, сагата околу неговата иднина би можела да се одолговлекува уште некое време.


