Европската кошарка би можела да влезе во сосема нова ера, бидејќи се очекува преговорите меѓу НБА, Евролигата и ФИБА да продолжат во наредните денови со цел да се најде модел што би одговарал на сите страни.
Иако процесот на аплицирање за инвеститори за проектот НБА Европа влегува во завршна фаза, се повеќе се зборува за можноста за заеднички проект, наместо за нов конфликт на пазарот.
Според овие информации, идејата за започнување ново натпреварување од 2027 година е сè уште актуелна, но останува прашањето дали тоа ќе биде сосема нова лига или заедничка платформа во која би учествувала и Евролигата. Во игра се различни модели, а едно од можните сценарија е првенство со 24 клуба, што би создало простор за постојните тимови од Евролигата, како и за нови тимови заинтересирани за влез на најголемата европска сцена.
Во исто време, Евролигата продолжува да работи на сопствената стабилност. Натпреварувачкиот одбор ќе разговара за форматот за следната сезона на 14 април, а во моментов се чини најреално лигата да остане на 20 клуба. Во меѓувреме, се зборува за продолжување на лиценците на некои големи имиња како Реал Мадрид и Фенербахче, што дополнително ја зајакнува позицијата на елитното континентално натпреварување во преговорите.
Од друга страна, ФИБА инсистира на појасен календар поради репрезентативните прозорци и попрецизен систем на пласман од домашните првенства во елитното натпреварување. Доколку НБА и Евролигата најдат заеднички финансиски и организациски интерес, се очекува овие барања да бидат дел од конечниот договор.
По години тензии и поделби, европската кошарка сега може да биде поблиску до соработка отколку до нова војна. Доколку се постигне договор, тоа би можело да означи крај на долгогодишниот конфликт меѓу ФИБА и Евролигата и почеток на голема реорганизација на европскиот клупски систем.


