Легендарниот српски тренер, Светислав Пешиќ повтори дека ќе ја заврши тренерската кариера на крајот од сезоната.
„Како што пишувам во мојата книга: еднаш тренер, секогаш тренер. Секогаш ќе бидам вклучен во кошарката, ќе држам предавања и слично. Но, кон крајот на мојот живот, повеќе не можам да бидам главен тренер. Знам дека луѓето нема да ми веруваат кога ќе кажам дека се повлекувам. Но, по оваа сезона, навистина ми е доста. Имам прекрасна куќа во Барселона, каде што живее дел од моето семејство. И сакам да поминувам повеќе време во мојот роден град Пирот. Сакам да го доживеам животот од поинаква перспектива“, рече еден од најуспешните европски тренери на сите времиња.
„Всушност, не сакав ништо да правам до крајот на оваа сезона. Сакав да имам повеќе време за моето семејство, особено за мојата сопруга Вера. Потоа ми се јави Херберт Хајнер, претседателот на Баерн. Клубот штотуку се раздели со Гордон Херберт по осум последователни порази во Евролигата. Хајнер ме праша дали можам да го преземам тимот до крајот на сезоната“, додаде тој, опишувајќи како решил повторно да го преземе Баерн на 77-годишна возраст.
„Му кажав на Хајнер дека прво сакам да разговарам со сопругата. Вера е исто така љубител на кошарка. И самата играше кошарка. Рече дека ако претседателот те повика, не можеш да кажеш „не“. Не би прифатил ниту еден друг клуб, но се идентификувам со Баерн 100 проценти. Тоа е мојот клуб, клубот на моето срце“, рече тој.
Конечно, тој признава дека не може да живее без кошарка.
„Тоа е веројатно вистина. Пред натпревар од Евролигата на почетокот на јануари, лежев во хотелски кревет и одеднаш се прашав: „Што правиш тука воопшто? Дали си луд? Наскоро ќе наполниш 77 години, а сè уште си тренер. Ќе живееш до 90 години, тоа се уште 13 години“. Потоа си реков: „Доста со кошарката, престани веќе“, рече освојувачот на медали од секое натпреварување на кое учествувал.


