Познатата франшиза на Сиетл Суперсоникс наскоро би можела повторно да стане дел од караванот на НБА, бидејќи темата за проширување на лигата е повторно актуелна, а градот Сиетл се издвојува како еден од главните кандидати за добивање нов тим.
Градоначалничката на Сиетл, Кејти Вилсон, ја истакна целосната подготвеност на градот да го пречека враќањето на НБА кошарката, нагласувајќи дека страста за овој спорт никогаш не исчезнала.
„Сиетл е подготвен да ги пречека Соникс. Никогаш не престанавме да бидеме кошаркарски град, а навивачите никогаш не се откажаа. Ова е очигледно во парковите, училиштата, полните сали во секој дел од градот, но и во титулите на тимот на Сиетл Сторм во WNBA. Изградивме врвна арена, имаме силна економија и подготвени сме за следното поглавје на Соникс“, вели Кејти Вилсон.
Се очекува состанокот на Одборот на гувернери на НБА да се одржи оваа недела, на кој една од клучните точки ќе биде гласање за проширување на лигата. Покрај Сиетл, и Лас Вегас се споменува како сериозен кандидат за нова франшиза.
Сиетл Суперсоникс оставија длабок белег во историјата на НБА. Тие ја освоија шампионската титула во 1979 година, а дресот на овој клуб го носеа легенди како што се Гери Пејтон, Шон Кемп, Лени Вилкенс и Реј Ален. Токму во Сиетл, Кевин Дурант ја играше својата дебитантска сезона, пред франшизата да се пресели во Оклахома.
Во случај Сиетл да добие тим преку процесот на проширување, веќе постои договор организацијата Оклахома Сити Тандер да ја врати целата историја и наследство на Суперсоникс во градот Сиетл. Ова би значело целосно враќање на еден од најомилените тимови во историјата на лигата.


