Кошаркарите од Широки Бријег се новите шампиони на АБА 2 лигата. Тимот од Хрватска славеше во вториот натпревар од финалната серија против ТФТ во Скопје со резултат 87:86, со што го затвори финалето со 2:0 во победи и обезбеди место во АБА лигата.
По убедливата победа во првиот натпревар во салата Пецара (88:69), избраниците на Иван Велиќ покажаа квалитет, но и карактер на гостински терен, бидејќи успеаја да го скршат отпорот на домаќините во неизвесно финале и да стигнат до триумфот што им носи место во регионалната елита.
Херој на вечерта беше феноменалниот Димитрик Трајс, кој одигра натпревар за паметење. Американецот го заврши натпреварот со 32 поени, со четири скока и четири асистенции, а токму тој го постигна решавачкиот кош четири секунди пред крајот на натпреварот.
Тој имаше голема помош од Матеј Бошњак, кој забележа одличен „дабл-дабл“ учинок од 15 поени и 10 скока, со пет асистенции. Исто така, со двоцифрен број на поени за победничкиот тим беа Донатас Вујановиќ со 11 поени, како и Џелин Мекрири и Миха Шкедељ кои додадоа по 10.
Од друга страна, најефикасен играч во редовите на ТФТ беше Дарион Говенс со 23 поени и осум асистенции, по него следуваа Стенли со 17 и Ташовски со 16 поени.
Со оваа победа, Широки Бријег избори враќање во АБА лигата за прв пат од сезоната 2013/2014, кога заврши на последното место, 14-то, и беше елиминиран од елитното натпреварување.


