Спортистите кои ќе се искачат на подиумот на Зимските олимписки игри во Италија овој месец ќе ги добијат најскапите медали во историјата на Игрите, благодарение на наглиот пораст на цената на скапоцените метали.
Повеќе од 700 златни, сребрени и бронзени медали ќе им бидат доделени на најдобрите спортисти во светот во зимските спортови, од скијање и хокеј на мраз до уметничко лизгање и карлинг, објави CNN.
Иако нивната сентиментална вредност е немерлива, во строго монетарна смисла, овие медали ќе вредат повеќе од кога било досега. Од Олимписките игри во Париз во јули 2024 година, спот цените на златото и среброто се зголемија за околу 107 проценти и 200 проценти, соодветно, според податоците на FactSet. Овие импресивни скокови значат дека денес, мерено чисто според цената на металот, златниот медал вреди околу 2.000 евра, повеќе од двојно повеќе од она што беше на игрите во Париз.
Сребрените медали за второто место вредат речиси 1.200 евра, три пати повеќе отколку пред две години. Зголемувањето на цените на среброто делумно е поттикнато од побарувачката од малопродажните инвеститори, додека златото порасна откако големите централни банки ги зголемија своите резерви, а инвеститорите се собраа во традиционалното безбедно засолниште во време на глобални политички превирања.
🟠Не е злато сè што свети
Победниците ќе добијат медали направени од рециклиран метал, произведени од Италијанската ковница и Полиграфскиот институт. Но, не е злато сè што свети.
Од 506 грама (16 тројан унци) од златниот медал, само шест грама се чисто злато. Остатокот е направен од сребро. Бронзените медали се направени од бакар и, со тежина од 420 грама (15 унци), вредат само околу 4,75 евра секој, според организаторите (една троја унца е околу 10 проценти потешка од обичната унца.) Златните олимписки медали не се направени од чисто злато од Стокхолмските игри во 1912 година, според лондонската аукциска куќа „Болдвин“.
Медалите во тоа време, со тежина од само 26 грама (0,8 троја унци), би вределе помалку од 20 долари по цената на златото во тоа време. Пресметано според американската инфлација, ова денес изнесува околу 530 долари (450 евра). Сепак, како колекционерски предмети, олимписките медали можат да достигнат многу повеќе од вредноста само на металот, вели Доминик Чорни, раководител на антички монети во „Болдвин“.
💶Медал вреден 22.000 евра
Во 2015 година, „Болдвин“ продаде златен медал од Олимписките игри во Стокхолм во 1912 година за 19.000 фунти (околу 22.000 евра), изјави Чорни за CNN. Следната година, аукционерите продадоа бронзен медал за учесник од Игрите во Антверпен во 1920 година за 640 фунти (740 евра).
Сепак, повеќето олимписки медали никогаш не завршуваат на пазарот. „Релативно малку олимпијци ги продаваат своите медали бидејќи се толку високо ценети“, рече тој.
И покрај острите ценовни флуктуации во последните денови, златото и среброто би можеле дополнително да ја зголемат финансиската вредност на олимписките медали. Побарувачката за скапоцени метали веројатно ќе остане силна, а многу е веројатно дека златните и сребрените медали на следните Летни олимписки игри во 2028 година ќе бидат уште поскапи.
📸 Фото: Olympics.com


