Со победата над Арсенал во финалето на Лигата на шампионите, ПСЖ не само што ја одбрани европската титула, туку тоа му донесе и значителна заработка на еден од најголемите спортисти на сите времиња. Мајкл Џордан (63) на тој начин стана еден од најголемите победници по финалето одиграно на „Пушкаш Арената“ во Будимпешта, сето тоа благодарение на партнерството на неговиот бренд со парискиот клуб. Триумфот на ПСЖ ќе му донесе сума од повеќе милиони долари.
Победата на ПСЖ, втора по ред во Лигата на шампионите, силно ќе ја зголеми продажбата на дресови и друга клупска стока, што ќе резултира со директна финансиска корист за Мајкл Џордан. Имено, договорот со „Nike“ му гарантира провизија од пет проценти за сите производи што се продаваат со логото „Jumpman“ на неговиот бренд.
Како Џордан влезе во фудбалот?
Врската на Мајкл Џордан со Париз датира од 1985 година, кога „Ер“ ја посети француската престолнина на промотивна турнеја. Соработката помеѓу ПСЖ и компанијата „Nike“, која го опремува парискиот клуб од 1989 година, е една од најдолгите во европскиот фудбал.
Пресвртницата се случи во 2018 година, кога во партнерството беше вклучен и брендот „Jordan“. Брендот што „Nike“ го создаде во 1984 година за тогаш најдобриот кошаркар во светот, по 34 години дизајнирање исклучиво кошаркарска опрема, одлучи да направи „скок“ во фудбалот.
Нејмар одигра клучна улога во тоа. Уште во 2016 година, пред да дојде во ПСЖ, Бразилецот потпиша договор за спонзорство со „Јордан“. Кога пристигна во Париз, носејќи чевли со препознатливо лого, тоа го привлече вниманието на партнерите на клубот.
Тие се обратија до подружницата на „Nike“ со цел да го подигнат имиџот на ПСЖ на следното ниво, и се роди уникатен договор. ПСЖ стана единствениот фудбалски клуб во светот што имаше спонзорство од брендот „Jordan“ на своите дресови. Во 2019 година, „Nike“ го обнови својот глобален договор со ПСЖ до 2032 година, вреден 80 милиони евра по сезона.
Дресови за големи натпревари
Оваа сезона, логото „Jordan Brand“ беше користено на четвртиот и петтиот дрес на ПСЖ, кои обично беа резервирани за важни натпревари во француското првенство или големи европски ноќи. По освојувањето на втората последователна Лига на шампиони, специјален дрес со зборовите „Back2Back“ стана огромен хит и предмет на желба на навивачите на парискиот клуб, што дополнително ќе ја зголеми продажбата, а со тоа и заработката на Џордан.


