Моментално третопласираниот Шпанец Карлос Алкараз ќе игра на овогодинешниот АТП турнир во Виена, кој ќе се одржи од 26 октомври до 1 ноември, а тоа ќе биде негово враќање во австриската престолнина по пет години, објавија организаторите.
Алкараз одлучи да дојде во Виена во последен момент откако беше одложен егзибицискиот турнир со богат награден фонд во Саудиска Арабија, кој требаше да се одржи од 21 до 24 октомври.
„Сè се случи многу брзо, Карлос ја прифати поканата да дојде во Виена без двоумење по одложувањето на турнирот во Саудиска Арабија. Воодушевен сум што доаѓа бидејќи е еден од најинтензивните играчи и личности на целата Турнеја со голем број фанови“, рече директорот на турнирот Хервиг Страка.
Доаѓањето на Алкараз дополнително ја засили конкуренцијата во Виена, бидејќи петмина играчи од првите 10 на АТП ранг-листата, Александар Зверев, Данил Медведев, Флавио Коболи, Алекс де Минoр и Франсес Тиjафо, веќе го најавија своето доаѓање. Тоа ќе биде можност за сите да ја проверат својата форма пред последниот Mастерс 1000 турнир за годината, кој ќе се игра во Париз од 2 до 8 ноември.


