Македонскиот тенисер Калин Ивановски со освојување на победничкиот пехар го заврши настапот на годинашниов Macedonian Open откако во финалето го совлада Владислав Орлов од Украина со 2-1 во сетови (6-1, 0-6, 6-2) за 2 часа и 30 минути. Ивановски на тој начин ја продолжи серијата победи по повредата и сега има 13 победи и само еден пораз – две учества во финале на турнири од М25 серијата и четири победи за Дејвис куп репрезентацијата на Македонија.
Македонскиот тенисер финалето го почна одлично и по 1:1 во гемови направи два брејка и со ас сервис го заврши сетот добивајќи го со 6:1. Но, во вториот сет сосема различна слика иако на теренот во првите гемови не беше така. Во првиот гем на сервис на Орлов беа одиграни 18 поени, а Ивановски имаше две брејк шанси сепак противникот поведе со 1:0, а во следниот гем направи брејк за водство од 2:0. Ивановски во четвртиот и во шестиот гем спасуваше по две брејк топки, но сепак Орлов сетот го заврши со 6:0 (и вчера во полуфиналето со Стефан Поповиќ по 0-1 во сетови изедначи на 1-1 без загубен гем.
Но, во решавачкиот сет сè се кршеше во вториот гем на сервис на Ивановски, по 20 одиграни поени и три спасени брејк топки Ивановски изедначи на 1:1 во гемови. Во следниот гем македонскиот тенисер го освои гемот на сервис на противникот и поведе со 2:1, а оваа предност ја дуплираше со освојување на седмиот гем за водство од 5:2 во гемови. Последниот гем беше реализација на претходно сработеното.
Во мечот Ивановски имаше 5 аса, Орлов 3, потоа 4 брејка, наспроти 3 на Орлов, а во вкупниот број поени скорот беше 87:77 за Ивановски.
За Ивановски ова беше 11.то финале во кариерата и шеста турнирска победа прва по јули 2023 во австриски Крамсах. За победата во Скопје, Ивановски освои 25 АТП поени и 4.065 американски долари, а со поените за финалето во Загреб ќе направи скок на АТП листата.


