Барселона и Реал Мадрид повторно се во отворен конфликт. Каталонскиот клуб издаде официјално соопштение по прес-конференцијата на Флорентино Перез, за време на која претседателот на Реал Мадрид упати низа сериозни обвинувања против медиумите, Ла Лига и Барселона.
Во соопштението, Барселона јасно наведува дека нејзиниот правен оддел ги анализира изјавите на Перез и разгледува можни потези:
„Во врска со прес-конференцијата свикана од претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, ве информираме дека нашиот правен оддел внимателно ги проучува неговите изјави и обвинувања. Тие во моментов се анализираат и се проценуваат следните чекори што треба да се преземат. Кога ќе сметаме дека е соодветно, ќе ја информираме јавноста навремено за ставовите и одлуките што ќе бидат донесени“, се вели во официјалното соопштение на Барселона.
Перез отвора фронт кон Ла Лига и Барселона
Сè започна по многу суровото јавно обраќање на Перез. Претседателот на Реал Мадрид ги нападна новинарите, луѓе што ги смета за непријатели на клубот и раководството на Ла Лига, тврдејќи дека Реал Мадрид систематски е оштетуван во шпанското првенство со години.
Перез повторно коментираше и за случајот Негреира, афера што долго време ја следи Барселона поради исплати кон поранешниот потпретседател на судиската комисија, Хозе Марија Енрике Негреира.
Иако Барселона отсекогаш ги отфрлала обвинувањата за купување судии, темата повторно експлодираше по конференцијата на Перез, а сега се чини дека целата приказна би можела да има правно продолжение.
Барселона размислува за одговор
Каталонскиот клуб сè уште не објавил конкретни мерки, но формулацијата на соопштението јасно сугерира дека сериозно размислува за реакција на зборовите на Перез. Во Шпанија веќе се шпекулира дека Барселона би можела да побара официјално извинување или дури и да покрене судска постапка ако смета дека изјавите на Перез ја преминале границата.
Целата ситуација дополнително ги интензивира веќе експлозивните односи меѓу двата најголеми шпански клуба. Во последните години, Реал и Барселона се судрија за речиси сè: од Суперлигата и судиските одлуки до управувањето со Ла Лига и финансиските правила.
Особено е интересно што за време на конференцијата Перез се обиде да го претстави Реал Мадрид како клуб кој со години е цел на организирани напади и неправеден третман. Во моментов не е познато дали целата приказна ќе заврши само со најави или ќе следат поконкретни потези, но јасно е дека нова вербална војна меѓу Реал и Барселона штотуку започна.


