По речиси две години молчење, поранешниот тренер на Барселона, Чави Ернандез, конечно проговори и упати сериозни обвинувања против претседателот на Каталонците, Жоан Лапорта.
Според поранешниот тренер на „Блауграна“, кој ја освои претпоследната шампионска титула со тимот во 2023 година, Лапорта бил пречката за живата легенда на клубот, Лионел Меси, да се врати да игра за првио тим. Ернандез тврди дека дури и договорот за враќање на аргентинската ѕвезда бил склучен.
„Лео беше договорен. Го контактиравме и ми кажа дека сака да се врати. Разговаравме до март и му реков дека кога ќе ми даде согласност, ќе разговарам со претседателот бидејќи од фудбалска гледна точка го гледав со добро око“, прецизираше Ернандез.
Процесот напредуваше со почетокот на преговорите меѓу Лапорта и таткото на Меси, Хорхе Меси, па дури и доби зелено светло од Ла Лига. Сепак, договорот одеднаш беше откажан.
„Претседателот е тој што уништи сè. Лапорта ми рече дека ако Лео се врати, ќе му објави војна и дека не може да го дозволи тоа.“, тврди легендарниот фудбалер.
Додаде дека од тој момент, Меси престанал да се јавува на телефон затоа што „другата страна му рекла дека тоа не е можно“. „Разговаравме со Лео пет месеци, сè беше подготвено, од фудбалска гледна точка немаше сомнежи, економски, ќе одевме на „Монжуик“ и ќе го одигравме „последниот танц“ како оној на Џордан, сè беше подготвено“, обвини Чави.
Поранешниот тренер, исто така, негира дека неуспехот на трансферот се должи на финансиски барања од Хорхе Меси или пречки од Ла Лига.
„Тоа е лага. Претседателот и неговите луѓе му велат „не“, дека тој ја има целата моќ и дека Меси лошо ќе управува со таа моќ“, нагласи тој.
Оваа епизода, според Чави, влијаела на неговиот однос со аргентинскиот играч.
„Тој мислеше дека сум вмешан во заговорот, а тоа многу влијаеше на мојот однос со Лео, но сега тие се повторно добри. Умирав за Лео да се врати да го тренирам, но нè свртија еден против друг“, призна тој, жалејќи се за тоа што се случи.
И покрај желбата повторно да го види Меси како триумфира на „Камп Ноу“, Чави верува дека неговиот циклус во клубот е завршен.
„Сега мислам дека никогаш повеќе нема да се вратам во Барса. Веќе ја исполнив мојата фаза како играч и тренер.“, додаде тој.


