Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, го бранеше Габриеле Гравина по новото големо разочарување и елиминација на италијанската репрезентација од Босна и Херцеговина во Зеница.
Чеферин беше на трибините на стадионот „Билино Поље“, а по враќањето од Босна и Херцеговина, заедно со заменик-генералниот секретар на УЕФА, Џорџо Маркети, јасно стави до знаење дека не го смета претседателот на Италијанската фудбалска федерација за одговорен за неуспехот на „азурите“.
„Во извесна смисла да, но од друга страна, Босна и Херцеговина има млад и силен тим и играше дома. Притисокот беше многу поголем врз Италија. Босна и Херцеговина заслужи да оди на Светското првенство, а Италија го загуби натпреварот откако беше исклучен фудбалер“, рече Чеферин.
Кога го прашаа дали претседателот на федерацијата треба да сноси дел од вината во вакви ситуации, тој беше многу директен.
„Кога бев претседател на Словенечката фудбалска федерација, секогаш му велев на тренерот: „Ако победиш, ти и играчите ќе бидете херои. Ако изгубиш, вината ќе падне врз нас двајца“. Но, ова апсолутно не е одговорност на Габриеле и не би си дозволил да ги напаѓам ниту играчите ниту тренерот. Можеби италијанските политичари треба да се запрашаат зошто Италија има една од најлошите фудбалски инфраструктури во Европа“, рече претседателот на УЕФА.
Во последните денови, сè повеќе политичари во Италија повикуваат на разрешување на Гравина, но Чеферин верува дека ваквите изјави често се мотивирани од лични интереси.
„Лут сум и тажен кога гледам дека има луѓе кои тајно чекаат нешто да тргне наопаку, а потоа излегуваат и почнуваат да критикуваат. Тие не ја поддржуваат Италија, туку себеси. Кажете ми кој италијански играч не беше поканет, кој требаше да биде? Тоа е фудбалот и дури и со најдобрите играчи на теренот, секој може да изгуби натпревар“, рече тој.
Тој особено нагласи колку го цени Гравина и колку неговото заминување би било загуба за италијанскиот фудбал.
„Габриеле е мојот прв потпретседател и тој е исклучително важен за мене. Но, тоа би било уште поголема загуба за Италијанската фудбалска федерација. Нема да биде лесно да се најде господин кој толку многу го сака фудбалот и Италија. Но, не сум толку наивен да верувам дека егоцентрични луѓе, кои само чекале нешто да тргне наопаку, размислуваат за тоа. Не им е гајле“, рече Чеферин.
На крајот, тој заклучи дека Италија сè уште има потенцијал да се врати на врвот, но само ако се промени односот меѓу политиката и фудбалот.
„Италија е една од најголемите фудбалски земји и ќе се врати на врвот. Најголемиот проблем на италијанскиот фудбал е односот меѓу фудбалската политика и „обичната“ политика. Ако сите се сложуваа, многу брзо повторно ќе станеа европски и светски шампиони. Но, ако овој негативен пристап продолжи, работите ќе завршат многу лошо за италијанскиот фудбал“, заклучи Чеферин.


