Тренерот на Барселона, Ханси Флик, изјави дека испаѓањето на тимот од Лигата на шампионите ги повредило, но сега играчите мора да остварат триумф во Ла Лига. Каталонците имаат 9 бода предност на табелата по 31 натпревар во однос на Реал Мадрид, а утре ја пречекуваат Селта на „Камп Ноу“. Германецот смета дека треба внимателно да пристапат кон натпреварот со галицискиот тим, бидејќи „небесно сините“ се едни од тимовите што предизвикаа сериозни проблеми за неговиот тим во последните години.
„Кога ќе ги погледнеме последните натпревари што ги игравме против нив, можеме да видиме дека сите беа многу тешки. Утре мора да играме на највисоко ниво. Нема да ни биде лесно бидејќи тие секогаш се снаоѓаат добро против нас и можат добро да контролираат што се случува на теренот. Елиминацијата од Лигата на шампионите нè повреди, но сега мора да дадеме се од себе во претстојните натпревари бидејќи битката за шампионатот не е завршена. Имаме предност, но Ла Лига е тешко првенство. Мора да го покажеме најдоброто од себе, како што го направивме против Атлетико, за да ги направиме навивачите среќни бидејќи сакаме сите да бидат горди на тимот“, започна Флик.
Потоа Германецот навлезе подетално во врска со елиминацијата од „јорганџиите“ во Лигата на шампионите.
„Елиминацијата од Лигата на шампионите дефинитивно нè повреди. Беше болен момент, но мора да ја искористиме мотивацијата и тоа да ни помогне да ги подобриме малите работи. Имаме млад тим со многу потенцијал, но исто така мора да донесеме правилни одлуки на трансфер пазарот. Разбравме дека ни се потребни вистинските играчи во последниот дел од сезоната, ни се потребни лидери кои ќе го водат тимот во вакви натпревари – четвртфинале, полуфинале. Ни се потребни фудбалери кои ќе ни покажат каде да одиме на теренот. Освојувањето на Лигата на шампионите е големиот сон. Има две работи што би сакал да ги постигнам тука – тоа е една и второто нешто што го сакам е да бидам менаџер на овој стадион кога ќе биде целосно завршен. Ми се допаѓа како одат работите во клубот, како луѓето работат таму, тоа е одлично семејство. Имаме многу енергија, иако бевме елиминирани, но секогаш има следна сезона. Мора да се фокусираме на она што можеме да го постигнеме до крајот на сезоната“, рече Флик.
На крајот од својата прес-конференција, тој потврди дека многу наскоро ќе потпише нов договор. Германецот, исто така, потврди уште една шпекулација дека Барселона најверојатно ќе биде неговата последна тренерска работа.
„Да го продолжам договрот, тоа е мојот план. Го кажав тоа и сум 100% искрен кога велам дека ова ќе биде последниот чекор во мојата кариера. Се чувствувам одлично тука во моментов. Сакам нов договор, но не е време да зборувам за тоа. Фокусиран сум на следната сезона и разговараме со раководството секој ден. Имав одлично време на чело на Германија и во други клубови како Баерн. Но, сега уживам во мојата работа тука во Барселона и сè е одлично. Играчите исто така. Атмосферата е фантастична“, заклучи германскиот тренер.


