Пеп Гвардиола објави дека го напушта Манчестер Сити по завршувањето на сезоната во недела, а веднаш се постави прашањето каде шпанскиот стручњак ќе ја продолжи својата кариера.
Утрово, пред официјалната потврда на Гвардиола дека го напушта клубот, шпански „Спорт“ донесе ексклузивни информации дека Пеп бил контактиран од челниците на Фудбалската асоцијација на Саудиска Арабија и му понудиле да стане нивен тренер по Светското првенство.
Според „Спорт“, Саудијците биле подготвени да му дадат на Гвардиола дури 90 милиони евра по сезона, вклучувајќи плата и бонуси.
Сепак, Пеп им се заблагодарил на Саудијците за понудата бидејќи сака да се одмори и да биде надвор од теренот.
Затоа, ја прифатил понудата на шеикот Мансур бин Зајед Ал Нахјан да остане негов вработен.
Шеикот Мансур е сопственик на „Сити Фудбал Груп“, во која членуваат Манчестер Сити, Мелбурн Сити, Њујорк Сити, Монтевидео Сити Торк, Троа, Ломел, Жирона, Шенжен Пенг Сити, Јокохама Ф. Маринос, Палермо и Баија.
Пеп во иднина ќе ја преземе улогата на глобален амбасадор на „Сити Фудбал Груп“, што ќе вклучува давање технички совети на клубовите во групацијата, работа на специфични проекти и соработки.


