Турбулентната недела за Манчестер Јунајтед по поразот во Мадрид од Атлетико во Лигата на шампионите, продолжува со подготовки за уште еден пеколен натпревар на гости, против Лидс во недела во 15 часот.
Рефлекторите, секако, беа насочени кон дефанзивецот Лисандро Мартинез, откако ги критикуваше раководството на клубот и спортскиот директор Џејсон Вилкокс за лошото справување со летниот преоден рок. Емотивниот Аргентинец не е од оние што штедат зборови.
Лисандро се огласи во четврток, по кризниот состанок со челниците на клубот, во изјава во која јасно стави до знаење како се чувствува. Иако беше забележливо дека не им се извини директно на директорот и членовите на одборот, се чини дека сите во клубот сакаа да го стават овој случај „ад акта“ што е можно поскоро за да можат да влезат во остатокот од сезоната и тешките натпревари што претстојат во следните неколку недели со што е можно помалку врева.
Логично беше менаџерот Мајкл Карик да се соочи со голем број прашања на оваа тема, но се чини дека беше многу јасен во својата намера да го затвори случајот и да продолжи понатаму.
„Навистина е завршено. Како група завршивме сè, нема драма. Некој рече нешто што не требаше, но тоа не нè одвлекува од она што го создаваме тука, ниту влијае на тимскиот дух. Момците тренираа навистина добро денес. Имаше добар тимски дух на тренингот. Мислам дека бевме фантастични, ова беше веројатно најдобриот тренинг што го имавме во последно време“, рече Карик.
Тој нагласи дека верува оти работите наскоро ќе се подобрат и додаде дека Мартинез дефинитивно ќе биде во игра за натпреварот на „Еланд Роуд“.
„Надвор, имате некои информации за кои разговаравме, но сè е едноставно. Сите ја разбравме ситуацијата и што значеше таа. Лича даде изјава дека тоа е негова грешка. И тоа е сè. Постои навистина добро чувство во групата, така функционира одвнатре. Во однос на резултатите, не одеше според планот, но духот и единството се тука и ова беше еден од најдобрите тренинзи што сме ги имале. Имаше чувство на свежина во групата и тоа навистина ми се допадна“, вели Карик.
Тимот и раководството беа изложени на бран критики во последните денови, вклучувајќи ги и некои од легендите на клубот, како што се Вејн Руни, Рој Кин, Ники Бат и Гари Невил, но тоа не го загрижува Карик.
„Има многу луѓе кои кажуваат различни работи, поранешни професионалци и други, но тоа не значи дека разбираат што се случува овде. Играчите ми веруваат целосно. Не значи дека нешто е вистина само затоа што го кажуваат. Ви ја кажувам вистината. Тимот беше фантастичен денес“, вели стратегот на Јунајтед.
Се чини дека не е премногу загрижен од муабетот за евентуален отказ. Кога беше прашан за фактот дека му треба резултат во недела, тој брзо одговори.
„Не ми треба мене резултат! На сите им треба резултат. Не се работи за мене. Манчестер Јунајтед е поголем од кој било поединец, од мене, од кој било играч, од секој што работи за овој клуб. Отсекогаш било така, па затоа не се работи за мене. Не доаѓам на работа тука секој ден мислејќи дека се работи за мене. Значи, не се работи за мене или за некој од играчите. Се работи за фудбалски клуб. Работиме за него, живееме за него, имаме одлична историја на која мора да бидеме достојни. Тоа нè мотивира секој ден, што и да е најдобро за клубот и тимот во недела, тоа е најважното нешто“, рече Карик.
Тој е свесен дека Лидс има одличен почеток и дека ќе биде многу тешко на едно од најтешките гостувања.
„Даниел Фарке заврши фантастична работа. Од почетокот на минатата сезона до сега и сите промени што ги направија. Со начинот на кој играат, како навистина станаа добар тим во Премиер лигата, сите честитки одат до Даниел и неговиот тим луѓе“, заклучи Керик.


