Мајкл Карик вели дека уживал во секоја минута од неговото враќање во Манчестер Јунајтед откако го водеше клубот до квалификации за Лигата на шампионите. Поранешниот играч на првиот тим на „Црвените ѓаволи“ инсистира дека не му е потребна пауза, и покрај напорниот период на чело на „Олд Трафорд“.
Карик ги надмина очекувањата откако го презеде Јунајтед по заминувањето на Рубен Аморим во јануари. Првично назначен до крајот на сезоната, 44-годишниот поранешен фудбалер донесе значително подобрување во формата за време на турбулентната кампања.
Под водство на Карик, „Ѓаволите“ го обезбедија третото место во ПЛ и пласман во Лигата на шампионите, што го натера клубот да му понуди нов договор до 2028 година пред нивниот последен натпревар од сезоната против Брајтон. Достигнувањето претставува остар пресврт откако претходно во сезоната имаше стравувања дека Јунајтед може да го пропушти највисокото европско натпреварување.
Керик призна дека семејните обврски го спречиле да планира одмор ова лето, бидејќи неговите деца во моментов се фокусирани на испитите. Тој, исто така, зборуваше подетално за неговата страст кон професијата и неговата способност да се справи со обемот на работа на менаџер во Премиер лигата.
„Испитите на децата се пречка во моментов. Завршните испити во средно училиште и А-нивоа, искрено, ме спречуваат да резервирам нешто. Да бидам искрен, не сум тажен поради тоа, се чувствувам добро, мислам дека влегувате во ритамот на работата, навистина, на различни начини. Сигурен сум дека имате различно работно време од мене, некои од вас работат повеќе од другите, сигурен сум. Се навикнувате на тоа, влегувате во текот. Уживав во секоја минута од тоа, па сигурно не чувствувам дека ми треба пауза“, изјави Мајкл Карик.
Иако главната цел е веќе постигната, Карик инсистира дека нема да има опуштање денес против Брајтон, кој сè уште се бори за место во европските натпреварувања. Тој сака Јунајтед да одржи висок стандард во последниот натпревар од лигата.
„Секако сме свесни за ситуацијата околу натпреварот и што е во прашање. Мислам дека сигурно имаме одговорност за тоа. Успеавме да се доведеме во позицијата во која сме, таму сме во лигата… И реков дека сакаме да завршиме силно, пред сè за себе. Пристапуваме кон дуелот како и кон секој друг. Многу е во прашање, за Брајтон, за Борнмут, за сите други клубови во таа зона, па затоа сме свесни за тоа“, вели Карик.
Со обезбедената Лига на шампиони, Јунајтед сега може да започне со планирање за сезоната 2026/27. Непосреден приоритет на Карик ќе биде силно да ја заврши сезоната против Брајтон, пред фокусот целосно да се сврти кон доведување играчи и подготовка за претстојната сезона.
Предизвикот следната сезона ќе биде да се одржи моментумот изграден во последните неколку месеци. Очекувањата на Олд Трафорд брзо ќе се зголемат по импресивниот почеток на Карик, особено со оглед на враќањето на Јунајтед во елитното европско натпреварување…


