Флорентино Перез го најави изборното собрание на Реал Мадрид на маратонска прес-конференција вчера, а во таа прилика спомена противник со мексикански акцент. Се шпекулира дека станува збор за Енрике Рикелме (37), милијардер и сопственик на една од најголемите компании за обновлива енергија во светот – Cox Energy Group.
Меѓу многуте теми што ги допре Перез на споменатата конференција беше и изборното собрание на Реал Мадрид. Долгогодишниот претседател на клубот ќе се обиде да ја одбрани својата позиција од луѓе кои, според него, би сакале да му ја одземат.
„Има луѓе кои сакаат да го преземат Реал Мадрид, клубот што го направив најголем во светот, има групи кои се обидоа да ја преземат контролата врз клубот. Тие му кажуваат на светот дека Реал Мадрид е во хаос – почна Перез, кој првично алудираше на човек „со јужноамерикански акцент“, потоа „Мексиканец“.

Шпанските медиуми ја следеа трагата што ја добија од Флорентино Перез и наидоа на конкурентски кандидат иронично споменат од сегашниот претседател на „кралскиот клуб“. Човекот за кој станува збор е Енрике Рикелме. Тој е роден во Аликанте пред 37 години, а фактот дека е социос (дел од сопственичката структура на клубот) веќе 20 години го прави подобен да биде претседател на Реал Мадрид.
Според шпанските медиуми, тој е син на еден од членовите на Управниот одбор кој претседаваше со Реал под раководство на Рамон Калдерон. Енрике Рикелме живее во Мексико и е сопственик на „Cox Energy Group“, една од најважните компании за обновлива енергија во светот, со присуство во Шпанија и во многу земји во Јужна Америка и низ целиот свет.
Кога првпат објави дека ќе се кандидира за претседател во 2021 година, Рикелме имаше само 32 години – потсетува „Madrid Zone“.
Неговата финансиска сила му овозможува да ги гарантира потребните 187 милиони евра (15% од вкупните 1,2 милијарди евра) за неговата кандидатура за претседател.
Рикелме: Или Реал Мадрид ќе тргне во друга насока, или ќе има големи проблеми
Бизнисменот размислува за кандидирање веќе неколку години и е подготвен да воведе промени во начинот на кој функционира клубот што би го подигнале на уште повисоко ниво.
„Или сега или во иднина, сакам да пробам!“ – изјави Рикелме за „Ел Конфиденсијал“.
„Гледам можност да го применам она што го научив и да работам со високо професионален Управен одбор, а не со група пријатели, за да го подигнам клубот на повисоко ниво“, порача бизнисменот.
Рикелме нагласи дека клубот мора да тргне по друг пат за да напредува, во спротивно ќе се најде во големи проблеми.
„Сега, или клубот ќе тргне по друг правец и максимално ќе го професионализира своето управување, станувајќи вистински глобален клуб, или ќе има проблеми. А да се биде глобален не значи само да се оди на турнеја низ САД“, нагласува Рикелме.
Енрике Рикелме е познат во деловниот свет како „кралот на Сонцето“. За само десет години, тој ја изгради „Cox Energy Group“, компанија котирана на Мексиканската институционална берза (BIVA), со проекти во Чиле, Мексико, Колумбија, Шпанија, Португалија и Панама. Тој исто така тврди дека се подготвува да се прошири во Италија, односно Ел Салвадор.
„Cox Energy Group“ е присутна и во САД, Шпанија и Блискиот Исток и се проценува дека вреди неколку милијарди евра. Неодамна го заврши преземањето на Iberdrola Mexico за четири милијарди долари. Рикелме е највидливиот ривал на Перез, но не и највлијателната фигура во заговорот против сегашниот претседател на „кралскиот клуб“.
Игнасио Санчез Галан – мозокот зад заговорот против Перез
Друг извор од Шпанија тврди дека „мозокот зад целата оваа шема е Давид Месонеро, страствен навивач на Реал Мадрид и зет на Игнасио Санчез Галан, претседателот на Ибердрола – една од најголемите енергетски компании во Европа со седиште во Билбао.
Перез еднаш се обиде да ја преземе Ибердрола од Галан, но вториот се спротивстави и сега наводно подготвува контра-пуч со помош на Педро Санчез, шефот на шпанската влада.

Галан ја засилува својата кампања за отстранување на Флорентино Перез од функцијата претседател на Реал Мадрид, по неуспесите на сите фронтови оваа сезона, како и неодамнешниот бунт во соблекувалната и конфликтот меѓу Аурелијeн Чуамени и Федерико Валверде.
Изданието „Hispanidad“ заклучува дека Перез мора да биде исклучително внимателен во оваа борба.
„Перез веројатно ја направи најголемата грешка во својот живот. Можеше да продолжи уште три години од својот мандат, кој завршува во 2028 година. Но сега тој се обидува да зграби било што пред неговата ѕвезда да згасне уште повеќе. Мора да биде внимателен бидејќи може да изгуби сè“, се вели во публикацијата.


