Тренерот на Баерн Минхен, Винсент Компани, даде интересна најава за првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен.
Белгиецот ќе ја отслужи суспензијата на овој натпревар на гости, па нема да раководи од клупата, туку од трибините.
„Ќе седам некаде на стадионот, можеби дури и блиску до вас новинарите. Процедурите се јасни, знам што можам, а што не можам да правам. Најважно е да го решиме ова како тим. Уверен сум дека можеме да го направиме тоа“, почна Компани и продолжи:
„Арон Данкс ќе ме замени. Тој има искуство со водење натпревари во Англија, беше на клупата на Астон Вила. Како се одлучив за него? Лесно. Тој е гласен на тренинзите и на натпреварите. Имам 100 проценти доверба во него и во целиот тренерски персонал.“
Новинарите на шега го прашаа дали ќе се „шверцува“ во соблекувалната во корпа за алишта, како што некогаш направи Жозе Мурињо.
„Со 1,92, едвај можам да се сместам во било која корпа за алишта.“
Како да се запре нападот на ПСЖ со Дембеле, Дуе, Кварацхелија?
„Можев да го поставам истото прашање – како планираат да нè запрат? И двата тима имаат неверојатна креативна и напаѓачка моќ. Деталите, енергијата, интензитетот ќе одлучат. Игравме против нив и претходно, добро ги познаваме. Кога играте против ПСЖ, тоа е како да ве погодило бура на отворен пат. Секако, Баерн нема да се крие, нема да избега. Поентата е јасна, нема да биде шаховска игра, туку натпревар на идеи и брзина. Дали мислам дека е финале пред финалето? Не би рекол така. Има уште два одлични тима. Секој има право да сонува за титулата.“
Баварците ќе бидат без Серж Гнабри, Ленарт Карл, Том Бишоф и Рафаел Гереиро, кои се повредени.
„Секогаш е убаво кога имате целосен состав на располагање. Го загубивме Серж Гнабри до крајот на сезоната, повредата на Рафаел Гереиро не е сериозна, тој наскоро ќе се врати, а истото го очекувам и со Бишоф и Карл“.
Гнабри ќе биде заменет од Џамал Мусијала.
„Тој се снаоѓа добро. За играч како него, играњето фудбал е одговор на сè. Не треба да врши премногу притисок врз себе, само да продолжи како што беше. Ќе му дадам повеќе време, тој повторно може да биде наш клучен играч“.
Го пофали својот колега Луис Енрике.
„Пред година и пол го критикуваа, но дури и тогаш видов дека гради нешто големо. Воопшто не сум изненаден што ја освоија Лигата на шампионите минатата година. Неговите тимови секогаш имаат вистински тимски дух, се борат, знаат како да играат фудбал“.
Потоа се префрли на неговите играчи – Мајкл Олисе и Хари Кејн.
„Мајкл е опседнат со детали, како Кевин Де Бруин. Сака да се шегува, но кога работи – тогаш тоа е максимален фокус. Има правилен став. Хари? Хари е како вино – станува подобар со возраста. Во Англија, го гледаа само како стрелец на голови. Мислам дека неговата фудбалска интелигенција беше потценета“, заклучи Винсент Компани.


