Жоан Лапорта се жали често. Со или без причина, тоа е прашање на лично убедување и/или преференции на навивачите. Елиминацијата на Барселона во четвртфиналето од Лигата на шампионите длабоко ги потресе сите во таборот на шпанскиот шампион до тој степен што првиот човек на клубот ги обвини судиите.
Можеби е само делумно во право, но како што забележа легендарниот Чави, на Каталонците им недостасуваше, пред сè, победнички менталитет во нивните пресметки со Атлетико Мадрид. Лапорта, сепак, верува дека судиите го забрзале исходот од серијата од два натпревари, пишува „Моцарт спорт“.
Прво, за контроверзните детали од „Камп Ноу“ минатата недела.
„Му честитам на Атлетико за пласманот во полуфиналето, но го осудуваме судењето и ВАР системот во реваншот, што беше на наша штета. Она што ни го направија е неподносливо. Во првиот натпревар не ни досудија чист пенал, а исто така исклучија и еден од нашите играчи (Пау Кубарси) кога требаше да му покажат само жолт картон. Џулијано Симеоне немаше контрола врз топката во таа ситуација, судијата првично досуди правилно, но ВАР го принуди да ја поништи својата одлука, со црвен картон што многу нè повреди“, се пожали Лапорта.
А потоа експлодираше, наведувајќи ги, според него, пропустите на судискиот тим предводен од Клемон Турпан за време на реваншот на „Метрополитано“.
„Судиските одлуки навистина нè повредија. Истото се случи и во реваншот. Тие исклучија еден од нашите играчи (Ерик Гарсија) кога Кунде лесно можеше да ја добие топката, па Ерик не беше последниот одбранбен играч. Судијата покажа жолт картон, што беше правилна одлука, но ВАР го принуди да го поништи. Уште една погрешна одлука. Покрај тоа, голот на Феран беше гол (поништен поради офсајд – н.з.). Стартот врз Олмо беше за пенал, а агресијата кон Фермин можете да ја процените како сакате, но она што му се случи во судирот со Мусо е неподносливо. Тој си ја скина усната, а човекот страдаше ужасно додека го „крпеа“, а голманот на Атлетико дури и не доби картон.“
Барса е, исто така, лута на УЕФА, за начинот на кој организацијата се справи со официјалната жалба на клубот за тоа што не му беше досуден пенал на нивниот тим за време на првиот натпревар, кога Марко Пубиљ беше фаулиран.
„Тоа е неприфатливо. Поднесовме жалба, а УЕФА одговори дека жалбата е неприфатлива. Сега бараме објаснување зошто таа жалба е неприфатлива. Ќе поднесеме уште една жалба бидејќи она што ни го направија во вторникот е неприфатливо. Одлуките на судиите очигледно ни наштетија“, додаде Жоан Лапорта, претседателот на Барселона.


