Килијан Мбапе, 27-годишната ѕвезда на Реал Мадрид и член на француската фудбалска репрезентација, би можел да биде надвор од терените цел месец март, објавија дел од француските медиуми денеска.
Мбапе не беше на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ вчера, каде неговиот Реал Мадрид неочекувано загуби со 0:1 од Хетафе во натпревар од Ла Лига, но беше во Париз, каде што му беа направени дополнителни тестови на повреденото лево колено. Медицинскиот тим од мадридскиот клуб беше, исто така, со него.
Потврдено е истегнување на левото колено, повреда што Мбапе ја има од почетокот на декември минатата година. Исто така, беше одлучено дека операцијата не е потребна, но дека на Мбапе во моментов му треба „одмор и трпение“. Во наредните недели, Мбапе речиси сигурно нема да му помогне на Реал на теренот, кој не се снаоѓа добро во првенството, каде што ги загуби последните два натпревари по ред. Мадрид исто така има два исклучително тешки натпревари од осминафиналето на Лигата на шампионите пред себе против Манчестер Сити.
Можно е Мбапе да го пропушти и мартовскиот тренинг камп на репрезентацијата поради постојани болки. Франција ќе игра пријателски натпревари против Бразил и Колумбија на 26 и 29 март на нивната американска турнеја.
Со 23 гола, Мбапе е моментално најдобар стрелец во шпанската Ла Лига, а најдобар стрелец е и во Лигата на шампионите оваа сезона со 13 гола.


