Маркус Рашфорд ја направи својата магија во првите минути од вчерашното „Ел Класико“, кога го совлади Тибо Куртоа директно од слободен удар, но Англичанецот нема магично стапче во рацете. Да имаше, ќе смислеше трик за Барселона да го купи од Манчестер Јунајтед. Како што е сега, ќе мора да почека исходот од преговорите меѓу двата клуба, бидејќи ново-стариот шпански шампион се обидува да ја намали цената од 30.000.000 евра.
Одамна е познато дека Рашфорд би сакал да остане во тимот на Ханси Флик, и дека Германецот би го задржал, но Жоан Лапорта не е во позиција да одобрува големи трансфери туку-така. Барселона сè уште мора да го штеди секое евро поради финансиски недостатоци.
„Не знам што да ви кажам… Да бев магионичар, ќе останев во Барселона“, искрен е искусниот напаѓач, кој одлично го замени повредениот Ламин Јамал на десното крило во дуелот со Реал.
Маркус Рашфорд верува дека Барса ќе продолжи да бележи одлични резултати уште долго време.
„Дојдов во Барселона за да победувам и мојата цел е да продолжам да го правам тоа. Овој тим е неверојатен и овој тим ќе освои уште многу трофеи во иднина. Чест е да се биде тука, а ќе видиме што ќе се случи потоа.“
Англискиот репрезентативец се осврна и на првиот гол во вчерашната победа од 2-0.
„Немав намера да шутирам директно кон голот. Немав добар поглед на аголот и не знаев каде да шутирам, но сите ме советуваа да се обидам и нивното охрабрување ми даде самодоверба. На крајот, тоа беше одличен гол“, објасни напаѓачот на Барса.
Маркус Рашфорд оваа сезона одигра 48 натпревари за каталонскиот клуб, постигна 14 гола и асистираше за 12. Флик сигурно би сакал да го задржи во тимот, но овој пат желбите на тренерот и играчите не се одлучувачки.


