Тренерот на Барселона, Ханси Флик, беше среќан по успехот од 2-0 во Ел Класико. Со оваа победа, Каталонците си ја загарантираа титулата во Ла Лига. Сепак, тренерот е максималист и рече дека сака неговиот тим да достигне 100 бода до крајот на сезоната, па дури и се закани дека „блаугранa“ ќе ја нападнат Лигата на шампионите следната година.
„Беше тежок натпревар и никогаш нема да го заборавам овој ден. Сакам да му се заблагодарам на целиот тим, на претседателот, потпретседателот, Деко и на сите што нè поддржуваа. На крајот на краиштата, најважно е што сум исклучително горд што имам толку добар тим. Им се заблагодарувам за нивната волја да се борат во текот на сите 90 минути“, започна Флик.
„Фантастично е да се освои Ла Лига во „Класико“ против Реал Мадрид. Не беше лесно, тие се одличен тим. Многу сум горд на моите играчи. Игравме и се браневме многу добро против силен противник. Што да кажам, горд сум. Атмосферата во соблекувалната е прекрасна. Среќен сум во Барселона. Групата е многу важна, ние сме семејство“, порача стручњакот.
Тој призна дека патот до титулата воопшто не бил лесен, но сега има нова цел – 100 бода.
„Повредите не ни олеснија, но сепак бевме фантастични. Успеавме да го одиграме последниот дел од сезоната многу добро. Одлично се снајдовме во одбраната. Кубарси, Жерар Мартин, Ерик… беа одлични. Можев да ја искористам и клупата бидејќи имав многу играчи на располагање. Можеби тоа се случи неколку недели подоцна, но ние сме среќни. Сега сакаме да стигнеме до стоте бода. Секако, играчите заслужуваат да слават. А следната година ќе се обидеме да ја освоиме Лигата на шампионите“, рече Германецот.


