Црвена Звезда е на еден чекор од пласман во Лигата на Европа откако убедливо ја победи Викторија Плзењ со 3-0 во првиот натпревар од плејофот, но во пресрет на реваншот, УЕФА донесе многу непријатни вести за белградскиот клуб.
Дисциплинската комисија на УЕФА ги казни српските шампиони со вкупно 135.500 евра за серија прекршоци за време на реваншот од третото квалификациско коло од Лигата на шампионите против Хапоел Бер Шева на стадионот „Рајко Митиќ“.
Црвена Звезда беше елиминирана од израелскиот тим со вкупен резултат 0-3, по што ја продолжи својата европска сезона во квалификациите за Лигата на Европа. Сепак, елиминацијата од Лигата на шампионите не беше единствената последица од дуелот со Хапоел.
УЕФА ја казни Црвена Звезда со 22.000 евра за блокирање на ходниците и скалите на стадионот, додека ќе мора да плати дополнителни 23.250 евра за фрлање предмети од трибините.
Употребата на пиротехнички средства донесе уште 5.250 евра казни, а клубот ќе мора да плати значително поголема сума за организациски пропусти. Црвена Звезда беше казнета со дополнителни 35.000 евра за нарушување на редот на трибините, недоволна заштита на теренот од неовластени лица и фактот дека некои врати наменети за излези во итни случаи беа заклучени.
Најголемата поединечна казна е дури 50.000 евра. УЕФА ја изрече за порака на трибините што ја сметаше за несоодветна за спортски настан и штетна за угледот на фудбалот.
Кога ќе се соберат сите прекршоци, сметката на Црвена Звезда порасна на 135.500 евра. Белградскиот клуб повторно плати висока цена за инцидентите на трибините за време на европските натпревари, а особено загрижувачко е што пиротехниката, фрлањето предмети и блокирањето на преминот повторно се меѓу прекршоците.
Покрај казната за клубот, санкциониран беше и Мохамед Абу Фани. Играчот од средниот ред на Црвена Звезда беше суспендиран на три натпревари во клупските натпреварувања на УЕФА поради физички напад врз противнички играч.
Тој веќе отслужи еден натпревар од суспензијата во првиот натпревар против Викторија Плзењ, кој Црвена Звезда го доби со 3:0. Реванш натпреварот од плејофот за Лигата на Европа ќе се игра на 27 август во Плзењ.


