Александар Зверев откри дека сериозната болка во глуждот го спречила целосно да го искористи своето најсилно оружје – сервисот – во поразот од Карлос Алкараз во борбата за трофејот на завршниот АТП турнир во Торино. Германецот беше поразен по 2:6, 6:7(7), но и покрај поразот изрази задоволство од својата изведба оваа сезона и имаше исклучително позитивни зборови за својот противник.
„За жал, денес (вчера) почувствував доста силна болка во глуждот. Ова многу влијае на мојот сервис бидејќи морам да го сменам движењето. Не можам да го направам вообичаениот голем чекор назад. Вистината е дека денес сервирав значително послабо“, призна Германецот.
„Горд сум на начинот на кој играв и се борев. Практично бев без моето главно оружје, но сепак успеав да го направам натпреварот многу неизвесен“, рече Зверев.
„Можев да го добијам вториот сет. Но, против Алкараз не е доволно да се биде 100 проценти подготвен. Мора да се биде 110 проценти подготвен и да се игра совршено. Денес (вчера) не можев да го направам тоа“, рече тој.
„Изгубив многу тешки гемови. Сите гемови што беа нерешени 40:40 му припаднаа нему. Чувствував дека сè уште можам да го свртам натпреварот, а бев блиску до тоа во вториот сет“, призна светскиот број еден.
„Секако дека сакав да победам. Сакав да станам шампион тука по трет пат. Но, ако некој ми го понудеше ова на почетокот на годината, токму оваа сезона, дури и со пораз во Торино, веднаш ќе се согласев“, призна тој.
За време на церемонијата на доделување награди, Германецот му упати посебни честитки на Алкараз, кој го освои турнирот за прв пат.
„Оваа година тој го заврши својот Гренд слем во кариерата, а сега ја додаде и својата прва титула на завршниот АТП турнир. Неверојатно! Веќе си апсолутна легенда на нашиот спорт, а имаш само 23 години. Ако одлучиш да се откажеш утре, нема проблем. Можеш само да се одмориш!“, покажа чувство за хумор Зверев.
По финалето во Торино, тој потврди дека не го смета своето учество за Германија во претстојното финале на Дејвис купот за загрозено. Сепак, Зверев призна дека му требаат неколку дена одмор и третман за да го опорави глуждот.


