Капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, признава дека критиките кон тимот, а особено кон него, оваа сезона се оправдани, бидејќи тимот не ги оправда високите очекувања – особено по освојувањето на титулата. Сепак, искусниот дефанзивец го насочи вниманието кон фудбалските стручњаци. Според него, тие имаат „должност и одговорност“ кон новата генерација играчи кога ги изнесуваат своите критики.
Дефанзивецот разговараше со еден од овие стручњаци – Гари Невил од „Скај Спортс“, пред неделниот натпревар со Манчестер Сити.
Порано оваа сезона, Ван Дајк влезе во медиумска контроверзност со друг поранешен играч на Манчестер Јунајтед – Вејн Руни, поради критиките на вториот кон него. Дефанзивецот на „црвените“ се соочи со стручњакот поради неговите коментари по победата на Ливерпул над Реал Мадрид во Лигата на шампионите во ноември.
Холанѓанецот вели дека може да се справи со критиките, но се грижи дека со порастот на социјалните медиуми меѓу помладите играчи, тоа би можело да има штетен ефект.
„Лично, можам да се справам со тоа, но малку сум загрижен за следната генерација“, му рече Ван Дајк на Невил.
„Чувствувам дека поранешните врвни играчи имаат одговорност кон новата генерација. Критиките се апсолутно нормални и дел од играта и мислам дека треба да останат така. Но, понекогаш критиката станува сензационализам, кажување работи за да се провоцира, без да се размислува за последиците врз менталната состојба на играчите, особено на помладата генерација која постојано е на социјалните медиуми. Можеби ќе кажете: „Да, тие не треба да бидат на социјалните медиуми“ – тоа е нешто што им го споменав многу пати“, додаде Холанѓанецот.
„Секогаш постои тој момент кога имате добра игра и помладите играчи ги проверуваат сите позитивни критики на интернет. Но, кога имате лоша игра и ве малтретираат на социјалните медиуми или добивате лоши критики, тоа навистина може да ве погоди. Го видов тоа со некои момци во минатото и го видов со некои момци во сегашноста затоа што едноставно не е лесно. Ќе станува сè полошо и полошо бидејќи денешните платформи, со сензационалните наслови и вестите, сите се постојано на нив. Мислам дека особено поранешните професионалци, врвните играчи кои поминале низ сето тоа, имаат одговорност малку да ја бранат таа страна од работите. Тоа е нешто на кое можеби треба да се обрне внимание“, порача дефанзивецот во разговорот со Невил.
Една од водечките фигури во Ливерпул која е во центарот на вниманието е менаџерот Арне Слот, бидејќи „црвените“ се борат да го достигнат нивото на кое го постигнаа минатата сезона.
Ван Дајк додаде: „Критиката за сезоната што ја имавме е целосно заслужена поради начинот на кој игравме понекогаш и серијата порази. Не е на ниво што го поставивме, особено минатата година. Но, постои разлика помеѓу критика и непочитување. Минатата недела ме прашаа дали мислам дека непочитувањето е заслужено, и не знам бидејќи не читам сè. Ние сме во процес на промени и тоа бара време. Колку што знам, Ливерпул не е клуб што донесува избрзани одлуки и тие веруваат во процесот. Но, знам како функционира светот. Знам дека менаџерите се под притисок и дека тие се одговорни за резултатите што ги добиваме. Сепак мислам дека тоа е процес. Според мене, тој (Арне Слот – н.з.) заслужува почит и шанса да се осигура дека овој процес ќе заврши на позитивен начин.“
Фото: Јутјуб/Принтскрин/Скај њуз


