Дисциплинската комисија на Евролигата имаше многу работа по натпреварите од плејофот во четврток, кога во центарот на вниманието беа настаните по натпреварот Валенсија-Панатинаикос.
„Зелените“ од Атина го победија шпанскиот тим со 107-105 во спектакуларен натпревар кој беше решен дури по продолженијата, а вистинска бура следеше по завршувањето на натпреварот.
Ергин Атаман на прес-конференција истакна дека полицијата се обидела да го уапси сопственикот на грчкиот клуб, Димитрис Јанакопулос, додека главниот тренер на шпанскиот тим, Педро Мартинез, ги критикуваше гостите од Атина за нивното однесување за време на натпреварот. На крајот, двете страни беа санкционирани за своите постапки.
„Валенсија Баскет е казнета со 5.000 евра за фрлање предмети од страна на нејзините навивачи за време на натпреварот помеѓу Валенсија и Панатинаикос, во согласност со член 29.2.d) од Дисциплинскиот кодекс на Евролигата“, објавија организаторите на елитниот турнир во официјално соопштение.
Димитрис Јанакопулос доби сериозна санкција, кој е обвинет за влегување во просторија наменета исклучиво за судиите за време на натпреварот, со што ги прекршил правилата за ограничен пристап што важат за теренот, се вели во соопштението на натпреварувањето.
„Г-дин Димитрис Јанакопулос, мнозински сопственик на Панатинаикос, доби забранет пристап до местата каде што Панатинаикос ќе ги игра своите следни три натпревари од Евролигата, а казнет е и со 10.000 евра за неговото однесување за време на вториот плејоф натпревар помеѓу Валенсија Баскет и Панатинаикос АКТОР Атина, согласно член 27.2.б) од Дисциплинскиот кодекс на Евролигата“, се вели во соопштението на Евролигата.
Оваа санкција би значела дека Јанакопулос нема да може да присуствува на натпреварите од Ф4 од елитното натпреварување, кои ќе се одржат во салата на Панатинаикос во Атина, доколку „зелените“ ја елиминираат Валенсија во четвртфиналето по третиот натпревар. ПАО води со победи од 2-0 по првите два натпревари.
Евролигата го санкционираше и кошаркарот на Монако, Мајк Џејмс, кој беше исклучен во вториот натпревар против Олимпијакос, а потоа им покажа на судиите дека биле поткупени. Најдобриот стрелец во историјата на елитното натпреварување исто така ќе мора да плати казна.
„Мајк Џејмс, играч на АС Монако, е казнет со 6.000 евра и суспендиран на еден натпревар за неговото однесување по неговото исклучување за време на натпреварот помеѓу Олимпијакос Пиреја и АС Монако, согласно член 27.2.б) од Дисциплинскиот законик на Евролигата. Суспензијата од еден натпревар е условна и ќе се спроведе во случај играчот да направи нов прекршок, согласно член 8 од Дисциплинскиот законик“, објасни Евролигата.
Олимпијакос води во серијата помеѓу двата тима со 2-0.


