Комесарот на НБА, Адам Силвер, најави воведување на вештачка интелигенција за решавање на проблемот со симулирањето, популарно наречено „флопирање“, што стана предмет на многу дискусии, особено по игрите на Шaј Гилџус-Александар.
Шaј Гилџус-Александар, актуелниот МВП на лигата, стекна репутација на играч склон кон симулирање со цел да изнуди фаули. Во четвртиот натпревар од финалето на Западната конференција против Сан Антонио, тој постигна 32 поени, вклучувајќи 16 од линијата за слободни фрлања во 17 обиди. Токму ваквите ситуации ги поттикнаа лидерите на лигата да разгледаат технолошки решенија.

„Зборуваме за ова. Морам да нагласам дека постои разлика помеѓу „продажба“ на контакт и чисто „флопирање“, каде што играчот се обидува да ги измами судиите. Понекогаш, дури и кога гледам од трибините, играчите паѓаат поради контакт, и ако не ги лажат судиите, тоа е нивно право, така се учат“, рече Силвер.
Тој призна дека судењето секогаш може да биде подобро и дека судиите понекогаш наседнуваат на обиди за симулација, но нагласи дека лигата внимателно ги следи сите аспекти на играта.
Силвер откри дека НБА наскоро ќе имплементира систем за вештачка интелигенција, сличен на технологијата „јастребово око“ во тенисот, со цел да се елиминираат контроверзиите околу одредени одлуки.
„Кога станува збор за повторувања, брзо се приближуваме кон решение. На пример, во ситуации кога топката излегува надвор од границите на теренот, системот автоматски ќе донесе одлука“, истакна тој.

Камерите поставени во близина на теренот ќе ѝ овозможат на вештачката интелигенција да донесе брза и објективна одлука, со што ќе се елиминира можноста за субјективна судиска проценка. Во такви ситуации, нема да биде потребен „предизвик“ и натпреварот ќе продолжи веднаш.
Сепак, тој нагласи дека целта не е да се заменат судиите, туку да се забрза играта и да се помогне во донесувањето одлуки.
– Контактот е речиси секогаш присутен во играта. Работата на судијата е да процени дали тој контакт е со доволен интензитет за да претставува фаул. Камерата не може да го процени тоа. Ваквите одлуки мора да останат во рацете на судиите, бидејќи тие се на теренот и имаат чувство за играта – заклучи Силвер.


