Кошаркарскиот клуб Олимпијакос побара од Грчката кошаркарска федерација (ЕСАКЕ) да го суспендира претседателот и да го казни тренерот на Панатинаикос.
„Црвено-белите“ од Пиреја се обратија до Грчката кошаркарска федерација со ова барање по проблематичните изјави на Димитрис Јанакопулос и Ергин Атаман по дербито од 23-то коло од грчката лига помеѓу овие два тима.
Олимјакос славеше со 101:94 на гости, но натпреварот остана во сенка на „искрите“ меѓу самите играчи на теренот, како и изјавите на гореспоменатите Јанакопулос и Атаман.
Првиот човек на „зелените“, меѓу другото, ја обвини грчката државна телевизија дека е „црвено-бела“.
„Без Хуанчо, Грант, Рогавопулос и Хејс Дејвис, а сепак играте со осум играчи. Не го прикажувате тој момент на ЕРТ? О, сепак го прикажувате. Ништо, ништо… Имате ли мислење дали беше фаул? Немате, нели? Грчка телевизија, национална грчка телевизија, црвено-бела. Секако, не беше неуспех, нели? Не треба ни да ги гледам натпреварите. Едногодишната суспензија истекува за неколку дена. Ако почнавме вака, ќе се видиме на теренот во 2035 година“, беше пораката што Јанакопулос ја напиша на Инстаграм по натпреварот.
Олимпијакос бара едногодишна суспензија за Јанакопулос, очигледно не само поради оваа изјава, туку и поради низа претходни испади.
Клубот од Пиреја, исто така, бара од дисциплинските органи на Федерацијата да го санкционираат Ергин Атаман за изјавите дадени веднаш по дербито.
„Ова беше театар, а не кошаркарски натпревар. Денес не можеме да зборуваме за кошарка. Би сакал да ве прашам – дали Дорси и Вокап можат да играат заедно за репрезентацијата во исто време? Можат ли? Не можат, бидејќи двајцата се натурализирани играчи. Но, тука во лигата можат да играат така. Не мислам дека тоа се случува во други земји. Везенков игра за бугарската репрезентација. Тројца од нив, плус шест странци, плус тројца судии… Многу ни е тешко да победиме“, рече Атаман на прес-конференција по поразот.
Ред е на грчката кошаркарска федерација.


