Еурофарм Пелистер се обидува што поскоро да се врати на врвот на македонскиот ракомет и ја пронајдоа вистинската личност за тоа. Откако оваа сезона се сменети три тренери, а титулата не е на повидок, тие пронајдоа докажано решение за иднината. А неговото име е – Лино Червар!
Хрватскиот стручњак веќе е во темелни разговори со раководството на клубот за засилувања за следната сезона. Колку е поврзан со Македонија, сведочи и фактот дека има наш пасош и беше селектор на репрезентацијата. Долго време не е на теренот, но битолчани веруваат дека тој сè уште има сила за да го предводи тимот.
Пелистерци се борат за второто место оваа сезона, а по три долги години ќе останат без титулата шампион на Македонија. Тие, исто така, пропуштија место во финалето на националниот Куп. Од друга страна, имаа солидна европска сезона, освојувајќи шест бода (две победи и две нерешени) во групната фаза.
Лино Червар го запиша своето име со златни букви во историјата на македонскиот спорт како стратег на Металург, создавајќи генерација која ги поместуваше границите. Под негово водство, тимот од Автокоманда стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите (во 2014 и 2015 година), токму во време кога цела Македонија дишеше за ракомет. По таа епизода, тој накратко ја презеде функцијата селектор на македонскиот национален тим, а потоа дојде повикот за големо враќање на хрватската клупа.
Гледајќи на неверојатно богатата кариера, Червар освои златен медал на Олимписките игри во Атина во 2004 година, златен светски медал во Португалија во 2003 година, како и бројни европски медали со хрватската репрезентација. Иако е веќе е во години, емоцијата со која ги доживува натпреварите, како и неговиот пристап, се показатели дека сè уште има многу да каже во светот на ракометот.
Тој ја освои националната титула четири пати со Металург, три пати го крена трофејот од Купот, а беше запаметен и по тоа што заврши како второпласиран во првото издание на СЕХА лигата (2011/2012). Доколку постигне половина од својот успех со Еурофарм, битолчани, како и ракометна Македонија, ќе бидат многу задоволни.


