Алкараз планира да истетовира кенгур за да го прослави триумфот на Австралија Опен

Прегледи:

Датум:

Карлос Алкараз размислува да истетовира бебе кенгур на едната нога. Тоа би било траен спомен од неговата победа над Новак Ѓоковиќ во машкото финале на Австралија Опен во неделата, што го направи најмладиот играч кој завршил кариерен Гренд слем (сите четири големи трофеи во тенисот – н.з.-) на 22-годишна возраст.

„Веќе знам дека ќе биде кенгур. Само не знам точно каде“, рече Алкараз. „Размислувам за нога, но не знам на кој мускул, десно или лево.“
Алкараз позираше за фотографите со трофејот од Австралија Опен во понеделник, облечен лежерно во црно, мокасини без чорапи. Фотосесијата се одржа во Кралската изложбена зграда, опкружена со градини во центарот на Мелбурн.

Победничката во женска конкуренција Елена Рибакина беше фотографирана со својот трофеј на брегот на реката Јара, која тече низ Мелбурн, во саботата.

Според австралиските медиуми, Алкараз ја поминал ноќта по триумфот со своето семејство во хотелски апартман, нарачувајќи пица, пиво и шампањ.

Обраќајќи се на фановите на социјалните мрежи за време на фотосесијата, Алкараз откри: „Сè уште не можам да верувам дека го направив тоа“.

„Мојот сон се оствари, кариерен Гренд слем. Уживам во овој неверојатен момент. Не можам да ја заборавам поддршката и љубовта што ги добив“.
По победата од 2-6, 6-2, 6-3, 7-5 над Ѓоковиќ, десеткратниот шампион на Австралија Опен, Алкараз призна: „Мразам да губам“.

Тој објасни и што му поминувало низ глава во моментот на победата.

„Пред последниот поен… искрено, многу работи ми поминаа низ глава“, рече Алкараз. „Бев навистина нервозен, речиси се тресев. Кога ја видов топката како влегува, си помислив: „Добро, го направив тоа. Беше прекрасно чувство, размислувајќи за моето семејство и мојот тим“.

Сега е фокусиран на освојување на сите најголеми тениски трофеи: трите титули од Мастерс 1.000 што му недостасуваат, финалето на сезоната и Дејвис купот со Шпанија. Досега освои шест од деветте титули од Мастерс 1.000, но сè уште не ги освоил Отвореното првенство на Канада, Мастерсот во Шангај и Мастерсот во Париз.

„Мразам да губам, тоа е мојата мотивација. Се обидувам да губам што е можно помалку“, рече Алкараз. „Да, има турнири што навистина сакам да ги освојам барем еднаш. Неколку Мастерс 1.000, навистина сакам да ги завршам сите Мастерс 1.000, да се обидам да го освојам секој барем еднаш.

Секако, финалето на АТП и Дејвис купот се исто така цели. Тоа е она што навистина сакам да го постигнам за мојата земја, за Шпанија. Поставив уште неколку цели за оваа сезона и ќе се обидам да бидам подготвен да ги остварам.“

Алкараз им се придружи на Дон Баџ, Фред Пери, Рој Емерсон, Род Лејвер, Андре Агаси, Роџер Федерер, Рафаел Надал и Ѓоковиќ како само деветтиот играч во историјата што ги освоил сите четири Гренд слем титули. Тој беше 91 ден помлад од Баџ и значително помлад од Надал, кој го постигна тоа на 24 години и три месеци, Федерер, кој имаше речиси 28 години, и Ѓоковиќ, кој имаше 29 години.

„Ќе кажам дека тенисот е навистина прекрасен спорт, но лошата страна на тенисот е што имаме турнири недела по недела, па понекогаш дури и не сфаќате што сте постигнале неодамна“, рече тој. „Бидејќи штом ќе завршите еден турнир, мора да бидете подготвени и вашата глава е веќе на следниот“.

„Она што го научив оваа година е да ја ценам и да уживам во секоја секунда од моментот што го живеам. Не само во кревањето трофеи, туку и во играњето турнири, играњето тенис, победите, поразите. Што и да е, само уживајте и ценете го животот што го живеете.“

Иако постојано нагласува дека 38-годишниот Ѓоковиќ е голема инспирација за него, не е сигурен дека самиот ќе настапува толку долго.

„Ќе видиме колку долго ќе играм. Се надевам дека на 38 години сè уште ќе бидам во толку одлична форма, натпреварувајќи се и предизвикувајќи ги помладите играчи и играјќи во финалиња на Гренд слем турнири.“

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Гардијан

Сподели:

повеќе вести
ПОВРЗАНИ

Тиаго: Да го претставувам Бразил е најголемото достигнување во мојот живот

Напаѓачот на Бразил и Брентфорд, Игор Тиаго, одржа прес-конференција...

Дамфрис ги помина медицинските прегледи за трансфер во Реал Мадрид

Реал Мадрид денес официјално го извести Интер Милан дека...

Дешан за критиките кон Мбапе: „Разговаравме…“

Францускиот капитен Килијан Мбапе е во врвна форма, и...

Мурињо ја информирал Управата: Три ѕвезди мора да бараат нов клуб

Жозе Мурињо ги направи првите решителни чекори откако се...