Ако не се промени, тенисот е во голема опасност во следните 30 години. Ова го кажа во интервју за француски „Еуроспорт“ Патрик Муратоглу, една од најпознатите личности во денешниот бел спорт. Иако никогаш не бил играч, тој е сопственик на една од најпознатите академии во светот, недалеку од Ница, бил тренер на Серена Вилијамс, Наоми Осака, Холгер Руне…
Муратоглу е и основач на егзибицискиот циклус на турнирот UTS (Ultimate Tennis Showdown), кој се одржува оваа недела во Ним.
Правилата се експериментални и една од најголемите разлики во споредба со класичниот тенис е што се игра на време, четири пати по осум минути, така што нема претерано долги повеќечасовни маратони. Оваа година учествуваат Димитров, Хачанов, Руд, Бублик, Оже-Алиасиме, Рубљов, Умбер и Циципас.
– Тенисот е многу популарен спорт, но неговите гледачи се претежно постари. Мојата генерација, која се заљуби во оваа игра во 70-тите и 80-тите години. Затоа постојат спонзори и ТВ права. Сè е добро во овој сегмент, но кога луѓето кои сега имаат 20-30 години ќе ги достигнат тие зрели години, базата на навивачи многу ќе се намали. Тенисот ќе исчезне – предупредува Французинот. – Убаво е да се зачува традицијата, но мора да размислуваме и за иднината. АТП и Гренд слем турнирите живеат во сегашниот момент, го прават тоа одлично, бидејќи тенисот е многу профитабилен сега, но никој не размислува за тоа што носи времето.
И според мислењето на Муратоглу, времето не носи ништо добро ако нема промени.
– Навистина не разбирам како тенисот ќе преживее до 2050 или 2055 година, не гледам начин за тоа. Секој спорт е профитабилен сè додека има гледачи. Ако нема широка база на навивачи, нема да има спонзори. Ако истражувањето дека луѓето под 30 години не консумираат вакви производи е точно, тенисот е во опасност од сега па натаму и во следните 30 години, вели тој.
„Тенисот постои од околу 1900 година, а неговите правила воопшто не се променети. Единственото нешто што се промени беше начинот на кој се броеше играта, бидејќи во 1971 година беше воведен тајбрејк во сите сетови освен во петтиот, а тоа беше променето неодамна. Сега начинот на кој консумираме е целосно променет. Социјалните мрежи, платформите за стриминг, видео игрите… сето тоа го промени начинот на кој живееме. Луѓето под 30 години не консумираат содржина како порано. Дури и помладите играчи велат дека не ги гледаат целите натпревари затоа што се предолги, туку само ги гледаат најважните делови. Тенискиот производ едноставно повеќе не е соодветен. Можеби е за мене и мојата генерација, но не е за млади луѓе“, заврши .


