Агит Кабајел сè уште не се чувствува како полноправен светски шампион и со нетрпение ја очекува својата прва одбрана на титулата во WBC. Германецот ќе се соочи со Албанецот Нелсон Хиса на 28 ноември, а борбата ќе се одржи на стадион во Дизелдорф со капацитет од 55.000 гледачи.
„Веројатно ќе се чувствувам како шампион по оваа борба. Ова ќе биде мојата прва борба откако Усик се откажа од сите свои појаси. Ќе се чувствувам одлично по оваа борба“, рече Кабајел во интервју за The Ring.
Се очекува судирот да привлече сериозен интерес поради големите албански и германски заедници во земјата. Хиса ќе се потпре на поддршката од бројната албанска дијаспора, додека Кабајел веќе изгради солидна база на фанови во Германија.
Шампионот верува дека неговиот успех помага во оживувањето на професионалниот бокс во земјата, на кој му недостасуваа големи настани од ваков обем во последните години.
„Дојде моето време, времето на Кабајел. Го вративме боксот во Германија и толку многу боксери ми се заблагодарија на социјалните мрежи за тоа. Немавме големи борби тука многу години, но сега ги имаме и тоа е одлично“, додаде тој.
Стадионот во Диселдорф им е познат и на љубителите на боксот по борбата меѓу Владимир Кличко и Тајсон Фјури во 2015 година. Сега Кабајел ќе има можност да ја одбрани својата светска титула пред домашна публика и да ја зацврсти својата позиција меѓу водечките имиња во тешката категорија.


