Лука Дончиќ, еден од најдобрите кошаркари на денешницата, се најде во центарот на правна драма со неговата поранешна свршеница Анамарија Голтес, а целиот случај добива сериозни размери и се води помеѓу Америка и Словенија.
Според информациите добиени од TMZ Sports, ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс презел конкретен чекор и во петокот поднесе барање до Окружниот суд на Лос Анџелес за отфрлање на тужбата на неговата поранешна партнерка. Причината е јасна – Голтес ја покрена постапката во Калифорнија, иако нивните деца се во Словенија.
Во судските документи, Дончиќ и неговата адвокатка Лаура Васер нагласуваат дека ниту тој, ниту нивните ќерки не се жители на Калифорнија. Словенечкиот ас тврди дека со месеци се обидува да постигне договор со Анамарија и да ја убеди да се пресели во САД со децата, но без успех, откако таа се врати во Словенија минатиот мај. Токму оваа физичка дистанца, како што беше претходно посочено, беше една од клучните причини за раскинување на веридбата.
Дополнително, Дончиќ истакнува дека тој покренал постапка во Словенија уште во февруари, која вклучува прашања за старателство и алиментација, пред Голтес да одлучи да го префрли случајот на американските судови претходно овој месец.
Кошаркарот, исто така, нагласува дека веќе ги сноси сите трошоци за нивните ќерки, двегодишната Габриела и четиримесечната Оливија, потсетувајќи дека има тригодишен договор вреден дури 165 милиони долари. Затоа верува дека покренувањето постапка во Калифорнија е обид да се избере поповолен суд, познат по високите износи на алиментација.
При раскинувањето на веридбата, Дончиќ јасно изјави за ESPN: „Сè што правам, го правам за среќата на моите ќерки и секогаш ќе се борам да бидам со нив и да им го дадам најдобриот можен живот.“
На крајот, Дончиќ бара од судот да ја отфрли тужбата поднесена во Калифорнија, објаснувајќи дека е правно неоснована и процедурално неточна.


