Поранешниот приватен готвач на Кристијано Роналдо, Џорџо Бароне, ги откри деталите за ригорозната диета на 41-годишната португалска ѕвезда, вклучувајќи ја и целосната забрана за млеко од неговото дневно мени.
Роналдо со години ужива репутација на еден од физички најспособните фудбалери во светот, па дури и во својата петта деценија од животот, тој продолжува да игра на највисоко ниво и да го предводи нападот на португалската репрезентација на големите натпреварувања.
Португалецот редовно нагласува дека зад неговата форма стои строга рутина.
„Долговечноста и високите перформанси не се случуваат случајно. Тие се градат преку секојдневно, практично закрепнување. Тоа не е тајна. Тоа е рутина“, напиша тој во објава на Инстаграм од февруари, заедно со фотографија по закрепнувањето.
Неговиот поранешен приватен готвач Бароне сега откри дека едно од клучните правила на диетата на Роналдо е целосно да се елиминира млекото, бидејќи фудбалерот го смета за неприродно за човечка конзумација.
„Нема млеко. Луѓето се единствените што пијат млеко од други животни. Ниедно друго животно не пие млеко по три месеци. Телињата не пијат млеко по три месеци. Животните не пијат млеко од други животни“, изјави Бароне за covers.com.
Бароне додаде дека според негово мислење тоа „не постои во природата“ и дека е погрешно луѓето да продолжат да пијат млеко во своите 30-ти, 40-ти, 50-ти или 60-ти години. Тој истакна дека доењето со мајчино млеко во најраниот период од животот е нормално, но дека потоа смета дека продолжувањето на консумирањето млеко е „против природата“.
Cristiano Ronaldo's former private chef reveals the 'unnatural' drink superstar footballer has banned from his diet – as he opens up on the secrets behind 41-year-old's ripped physique https://t.co/veHfeFEott
— Daily Mail Sport (@MailSport) April 23, 2026
Роналдо е познат по тоа што тренира до четири часа на ден и јаде шест „мини-оброци“ со висока содржина на протеини, по што користи сауни и ледени бањи за да се опорави. Една негова фотографија од сауна кон крајот на минатата година собра повеќе од 22 милиони лајкови на Инстаграм, а мерењата покажуваат дека процентот на неговите телесни масти е околу седум проценти, додека се очекува повеќето фудбалери од Премиер лигата да бидат помеѓу осум и 12 проценти.
Според Бароне, Роналдо претпочита авокадо, свежа риба и генерално храна со висока содржина на протеини и ниска масленост како пилешко. Секој ден има салата, интегрални житарки како киноа и свежо овошје на чинијата. Неговите португалски соиграчи претходно открија дека неговото омилено јадење е Бакалау а Брас, традиционална комбинација од кајгана, пржени компири и солен бакалар.
„Исхраната на Кристијано е балансирана. Јаде по малку од сè, но секогаш здраво. За појадок би имал авокадо со кафе, јајца и без шеќер. Апсолутно без шеќер. Ручекот може да биде пилешко, риба и секогаш зеленчук. Ако му требаат јаглехидрати, ги добива од зеленчук, па затоа не му треба ништо направено од брашно“, објасни Бароне.
Тој изјави дека исхраната на Роналдо не вклучува тестенини, леб и слична храна, додека за вечера менито се состои од полесни оброци, најчесто риба или месо во форма на филети со зеленчук. Исто така е познато дека Португалецот избегнува газирани пијалоци. На Европското првенство во 2020 година, тој го тргна шишето Кока-Кола од масата на прес-конференцијата и ги покани навивачите да се напијат вода.
Во статијата Роналдо се споредува со напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, кој откри дека во својата исхрана вклучува сурово млеко, како и стекови и изнутрици како што се црн дроб и срце.
„Се согласувам со исхраната на Ерлинг кога станува збор за органите. Црниот дроб, срцето и мозокот се здрава храна. Тие се суперхрана. Тие се многу богати со железо и се важни во исхраната, па затоа ги одобрувам органите, но не и млекото“, рече Бароне, додавајќи дека Роналдо, исто така, го сакал црниот дроб.


