Иранската фудбалска репрезентација се најде во центарот на голем политички спор само неколку дена пред почетокот на Светското првенство. По месеци борба за добивање визи, иранските фудбалери се соочија со нови ограничувања што предизвикаа силни реакции.
Според правилата наметнати од американските власти, членовите на иранската репрезентација можат да влезат во Соединетите Држави само на денот на натпреварот и мора да ја напуштат земјата веднаш по натпреварот. Поради забраната за престој на американска почва, Иран беше принуден да ја премести својата база во Мексико, од каде што ќе патува за натпреварите од Светското првенство.
„Можеме да влеземе во Соединетите Држави наутро, но мора да заминеме истиот ден“, потврди иранскиот амбасадор во Мексико, Аболфазл Пасандидех.
Поради новите правила, репрезентацијата ја напушти својата планирана база во Аризона и се насели во Мексико. Таму доби поддршка од властите.
„Немаме причина да им го одбиеме престојот во нашата земја“, изјави мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум, додавајќи:
„Соединетите Американски Држави не сакаат иранскиот тим да преноќи таму, а тие мора да одиграат три натпревари. Затоа нè прашаа дали можат да останат во Мексико, на што се согласивме без проблем.“
Дополнителни контроверзии предизвика одлуката на американските власти да остават некои членови на делегацијата без визи. Меѓу оние на кои им е одбиен влезот е и претседателот на Иранската фудбалска асоцијација, Мехди Таџ.

Американскиот Стејт департмент потврди дека издадените визи се неопходни за настапот на националниот тим, но испрати многу остра порака.
„Визите потребни за учество на Иран на Светското првенство, кои ги вклучуваат спортистите и најблискиот персонал, се уредно издадени. Сепак, нема да дозволиме иранскиот тим да го злоупотреби овој систем за да шверцува терористи во Соединетите Држави под лажни изговори.“
Тензиите дополнително ги засили американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно изјави дека верува оти „за сопствена безбедност и животи, воопшто не е соодветно да бидат таму“.
Иранската фудбалска репрезентација, како и остатокот од делегацијата, пристигна во Тихуана, Мексико, во недела, каде што ќе бидат сместени за време на Светското првенство.
Иранските играчи пристигнаа со авион од Турција, каде што се подготвуваа во последните неколку недели, и беа пречекани од мексиканската армија и полиција. Пристигнувањето на Иранците беше проследено со строги безбедносни мерки поради немирите и воените конфликти меѓу Иран и САД што се во тек на Блискиот Исток.
Околу педесет ирански навивачи ги пречекаа своите миленици во Тихуана, а воен кордон ги придружуваше репрезентативните автобуси од аеродромот до хотелот каде што ќе бидат сместени.
Иран е во групата Г на Светското првенство и ќе ги игра своите први два натпревари во предградијата на Лос Анџелес. Нивните противници ќе бидат Нов Зеланд на 15 јуни и Белгија на 21 јуни. Последниот натпревар од групата на Иран ќе биде во Сиетл против Египет на 26 јуни.
Иран ќе патува од Мексико на натпреварите во Соединетите Американски Држави за време на групната фаза, поминуваат низ дополнителни контроли и се враќаат преку границата по секој натпревар, ситуација каква што никогаш порано не е видена на Светско првенство.


